Рокот за автопатот Кичево – Охрид останува ист – во првиот квартал в година ќе биде целосно функционален, а за трасата на автопатот Требениште – Ќафасан, доколку има негативен одговор од УНЕСКО, ќе се бара друго техничко решение за да има целина – автопатско поврзување во овој регион. Тоа го најавија премиерот Христијан Мицкоски и министерот за транспорт Александар Николоски при денешниот увид на работите на терен на автопатот.
– Автопатот ќе го завршиме во рамките на рокот. Тоа е рок што не беше зададен од нас, туку од претходната влада, која не правеше ништо, освен што даваше рокови. Во првиот квартал в година ќе имаме функционален автопат од Охрид до Кичево. За Тетово – Гостивар и Гостивар – Букојчани, што ги гради „Бехтел и Енка“, рокот е 2029 година, исто како и за автопатот Прилеп – Битола, од кој очекуваме едната лента целосно да биде готова во првата половина на 2027 година – рече Николоски во изјава кај клучката Требеништа.
Од клучката Требеништа, која е завршена и пуштена под привремен режим, треба да продолжи новиот автопат Требеништа – Ќафасан, единствената делница од договорот со „Бехтел и Енка“ за која нема активности.
За трасата за автопатот се чека согласност од УНЕСКО, од каде што се очекува посета на крајот на месецот или почетокот на следниот месец.
– Имаше и такви што се обидуваа со политиканство и ниски страсти да добијат некакви политички поени, а самиот овој објект, самата оваа клучка, е најголем демант – рече премиерот Мицкоски. Тој потенцира дека ќе се бара друго решение за трасата за Требениште – Ќафасан во случај на негативен одговор од УНЕСКО.
– Како целина ќе биде завршено. Никогаш нема да биде оставено на забот на времето, како што можевте да видите како било оставено од оние што денеска критикуваат. Беа власт седум години, го оставија оној дел од Кичево од Извор па до клучката кај Врбјани, а да не зборувам за автопатот, кој е дел од проектот за коридорите 8 и 10 д во делот од Тетово до Гостивар, од Гостивар до Букојчани и од Прилеп до Битола – изјави Мицкоски.
Од автопатот Кичево – Охрид (57 километри), кој е во изградба од мај 2014 година, веќе се пуштени 34 километри, делниците Пресека – Песочани и Требеништа – Охрид. Таму имаше неусогласеност меѓу проектната документација и состојбата на терен, се појавија 14 нови свлечишта и немаше клучки и пристапни патишта во првичниот проект. Состојбата на терен сега се стабилизира со изградба на 14 галерии.
На Коридорот 8, најавена е изградба и на автопат од Букојчани до Кичево, во должина од 11 километри. Во тек е избор на изведувач за тој автопат и се очекува да биде завршен за три години. Завршени се 60 проценти од експропријацијата.
Извор МИА
Фото Економија и бизнис








