АЛКАЛОИД АД Скопје во периодот јануари – јуни 2026 година оствари позитивни финансиски резултати искажани во неревидираните единечен и консолидиран биланс на успех.
Вкупни приходи
Вкупните остварени единечни приходи во периодот јануари – јуни 2026 година изнесуваат 7.427.158 илјади денари и во споредба со остварените во истиот период во 2025 година бележат раст од 3 %. Во структурата на вкупните приходи најголемо учество, 93 %, имаат приходите остварени од продажба на производи и на услуги, кои во споредба со остварените во 2025 година бележат раст од 2 %.
Вкупните остварени консолидирани приходи во периодот јануари – јуни 2026 година изнесуваат 10.831.557 илјади денари и во споредба со остварените во истиот период во 2025 година бележат раст од 3 %. Во структурата на вкупните приходи најголемо учество, 95 %, имаат приходите остварени од продажба на производи и на услуги, кои во споредба со остварените во 2025 година бележат раст од 2 %.
Вкупни расходи
Вкупните остварени единечни расходи во периодот јануари – јуни 2026 година изнесуваат 6.271.208 илјади денари и во споредба со остварените во истиот период во 2025 година бележат раст од 2 %.
Вкупните остварени консолидирани расходи во периодот јануари – јуни 2026 година изнесуваат 9.814.429 илјади денари и во споредба со остварените во истиот период во 2025 година бележат раст од 3 %.
Податоци за акциите
Акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на Берзата. Цената на акцијата во периодот јануари – јуни 2026 година се движеше од 24.010,00 до 27.300,00 денари или просечно 25.101,49 денари за една акција. На 30.06.2026 година акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје беа во сопственост на 6.591 акционери, физички и правни лица, а пазарната капитализација на компанијата изнесуваше 34,64 милијарди денари. На 30 март 2026 година, на Годишното собрание на акционерите, е одобрена пресметка и исплата на брутодивиденда за 2025 година во износ од 1.030.574 илјади денари. Во согласност со дивидендниот календар, во мај 2026 година започна исплатата на дивидендата во износ од 720 денари бруто, односно 648 денари нето за една акција. Дивидендата од акција за 2025 година е поголема за 14,3 % во однос на исплатената дивиденда од акција за 2024 година.
Инвестиции
Вкупните консолидирани инвестиции во основни средства во периодот јануари – јуни 2026 година изнесуваат 837.711 илјади денари, што претставува раст од 69 % во однос на истиот период од претходната година. Дел од вкупните инвестиции се однесуваат на вложувања реализирани преку поврзаното друштво АЛКАЛОИД ЕНЕРГЕТИКА ДООЕЛ, насочени кон изградба и развој на фотоволтаични капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори, кое започнува со пробна работа во јули 2026 година.
Вработени
Во периодот јануари – јуни 2026 година во АЛКАЛОИД АД Скопје се реализирани 43 нови вработувања во РС Македонија. Просечната нето плата по вработен во компанијата во јуни 2026 година изнесуваше 67.646 денари. Со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, во 2026 година е одобрен и исплатен регрес во висина од 47.000 денари нето-износ за користење годишен одмор за вработените во компанијата. Групацијата АЛКАЛОИД брои 3.030 вработени, од кои 2.221 се во земјава, а 809 се вработени во капитално поврзаните друштва во странство.
Поважни позиции од билансот на успех
Остварената единечна нето-добивка во 2026 година изнесува 1.060.421 илјади денари и во споредба со остварената во 2025 година бележи зголемување за 13 %.
Остварената консолидирана нето-добивка во 2026 година изнесува 890.512 илјади денари и во споредба со остварената во 2025 година бележи зголемување од 4 %. Забавениот раст на консолидираниот профит во најголема мера се должи на структурата на реализираните продажби во првото полугодие и на зголемените трошоци поврзани со формирањето и јакнењето на продажните тимови на дел од извозните пазари, при што очекуваме овие вложувања да придонесат за подобри продажни резултати и повисока профитабилност во наредниот период.
Очекувања за претстојниот период
Трендот на работење во отежнати економски услови, кои беа актуелни во изминатите неколку години, продолжува и во 2026 година. Доминантни предизвици беа инфлацијата и порастот на каматните стапки, како и притисокот врз куповната моќ на потрошувачите, што влијае врз потрошувачката и динамиката на побарувачката на одделни пазари, а неизвесноста и натаму останува изразена. Друштвото е изложено на каматен ризик главно по основ на краткорочните и долгорочните кредити, при што истиот континуирано се следи и се управува преку директни преговори со банките, без значајни осцилации кај каматните стапки.
Воедно, глобалните безбедносни кризи, вклучително и ескалацијата на конфликтот поврзан со Иран, дополнително го отежнуваат економскиот амбиент и предвидливоста. Овие случувања имаат значително влијание врз глобалните енергетски пазари, предизвикувајќи пораст и зголемена волатилност на цените на енергенсите, што создава дополнителни инфлаторни притисоци и тешкотии во синџирите на испорака, како и ризици во однос на достапноста на одредени суровини и материјали. Дополнително, потенцијалниот ризик од продлабочување на глобалните трговски тензии може да предизвика нови покачувања на цените на суровините и да доведе до зголемени трошоци во работењето. Внимателно го следиме развојот на настаните и преземаме соодветни мерки за ублажување на овие потенцијални ефекти.
Очекуваме во 2026 година да продолжиме по патеката на континуираниот раст базиран на можностите од нашите тековни инвестиции во нови производствени капацитети и опрема и од вложувањата во развојно-истражувачки проекти, на тој начин создавајќи конкурентно портфолио и можности за ширење на пазарите. За остварување на овие цели ќе продолжиме и со нови вработувања во земјава, но и на странските пазари, притоа континуирано вложувајќи во подигнувањето и во усовршувањето на нивото на знаења и на вештини на нашите вработени и во градењето таленти.








