Светската здравствена организација (СЗО) во новиот извештај предупредува дека секое петто лице во светот ќе добие рак во одреден момент и дека болеста ќе влијае на 92 проценти од луѓето на некој начин, или преку сопствена дијагноза или дијагноза на близок член на семејството.
Во алармантното соопштение се наведува дека дури и научните достигнувања очигледни во областа на онкологијата малку ја менуваат реалноста за милиони пациенти низ целиот свет, кои се соочуваат со катастрофални физички, емоционални и финансиски последици по дијагнозата.
-Со години, приказната за ракот е приказна за научен напредок, нови технологии, нови терапии и нова надеж. Таа приказна е вистинита и заслужува да се раскаже, но тоа не е целата приказна, изјави д-р Андре Илбави, раководител на тимот за контрола на ракот на СЗО.
Овогодинешниот глобален извештај на СЗО за состојбата со ракот утврди постоење на „постојани и растечки“ нееднаквости во пристапот до превенција, дијагноза, третман и грижа за пациентите.
Се проценува дека секоја година се регистрираат 20,6 милиони нови случаи на рак, додека околу 10 милиони луѓе умираат од оваа болест. Се предвидува дека до 2050 година, бројот на новодијагностицирани случаи ќе се зголеми на речиси 35 милиони случаи годишно.
Во побогатите земји, 85 проценти од луѓето со рак на дојка или малигни тумори кај децата преживуваат најмалку пет години по дијагнозата, додека во посиромашните земји тој процент паѓа на помалку од 30 проценти.
Извештајот покажува дека во земјите со ниски и средни приходи, достапни се помеѓу девет и 54 проценти од 20-те лекови против рак идентификувани како приоритетни од страна на СЗО. Во земјите со високи приходи, достапноста на овие лекови се движи помеѓу 68 и 94 проценти. Во дури 23 земји нема центри за радиотерапија.
Стапките на дијагностицирање на рак се пониски во Субсахарска Африка отколку во побогатите региони на светот, но смртноста од рак во тие земји е непропорционално висока.
Според извештајот, две третини од земјите не го вклучуваат третманот на рак во пакетите за универзална здравствена заштита, додека високите трошоци доведуваат до тоа дури 90 проценти од пациентите да го напуштат третманот во некои области.
Глобална анкета на пациенти и нивните семејства откри широко распространети финансиски тешкотии, проблеми со менталното здравје и тежок товар за лицата што се грижат за нив и членовите на семејството, пренесува Еуроњуз Србија.
Фото Економија и бизнис








