Интервјуа
МЕГА ИНТЕРВЈУ | Чептер 4 Македонија: СО СТРАТЕШКИ ИНФОРМАЦИИ ДО СУШТИНСКИ ТРАНСФОРМАЦИИ
Мега интервју со Тодор Стојчевски, сопственик на Друштвото за комуникациски менаџмент Чептер 4 Македонија и
Милан Живковиќ, извршен директор на Друштвото за комуникациски менаџмент Чептер 4 Македонија
Економија и бизнис | печатено издание | 15 јануари 2026г.
Кратка биографија за Друштвото Чептер 4 Македонија
Чептер 4 Македонија е друштво за стратешка комуникација (основано во 2011 г.). Дел е од регионалната мрежа Чептер 4 Европа и е партнер на глобалната агенција Burson. Комбинираме локално знаење со пристап до регионални и до меѓународни ресурси. Нудиме стратешки комуникации и градење бренд и позиционирање, кризни комуникации, производство на видео- и на фотосодржини за дигитални и за корпоративни потреби, организација на настани и маркетинг стратегии за зголемување на пазарната вредност на клиентите. Дел од нашите услуги се и интегрираниот пристап од стратегија до имплементација, фокус на мерливи резултати и способност да скалираме проекти преку регионални и глобални партнери притоа задржувајќи ја локалната агилност и контекстуалната релевантност.
На кои вредности се темели работењето на едно европско, односно македонско друштво за комуникациски менаџмент?
СТОЈЧЕВСКИ: Во самиот назив на компанијата, комуникацискиот менаџмент, всушност, се проткајуваат суштината и вредностите на кои се темели нашето друштво за менаџирање со комуникации. Менаџирањето е наука, дејство со кое се поврзуваат информации на (различни) чинители и се наоѓаат креативни решенија за нивна дисеминација. Самата информација нема дејство и суштина доколку не се стави во функција. Токму нашата улога и чест е да ѝ дадеме „живот“ на информацијата и таа како „глагол“ да ја оствари својата суштина.
Откако ќе успееме во овој дел од процесот, втора фаза е да најдеме стратешки правец во кој ќе се движи информацијата за да направи одредено влијание – да предизвика размисла и да доведе до одредена акција. Идејата на споделувањето информација од страна на давателот е да создаде активност кај примателот – тоа може да се рефлектира како размислување, акција, реакција. Доколку примачот на информацијата не добие одредена дразба од информацијата, тоа значи дека тој не требало воопшто да ја добие таа информација или дека добил нефункционална информација. Сето ова води до темелите на едно друштво за комуникациски менаџмент – да управува со информациите на вистински и на квалитетен начин, да ги препознава и да ги „пакува“, да ги процесира и да ги дисеминира, да го следи ефектот и да го управува „животот“ на информациите. Секако, доколку имаме повратна реакција, значи дека сме оствариле комуникација.

На македонскиот пазар, како компанија, функционирате повеќе од 14 години. Со што се соочувавте во развојот на компанијата?
СТОЈЧЕВСКИ: Секоја компанија има свои специфичности во развојот. Уште од самиот почеток, во 2011 година, ја осознав(ме) вредноста и потребата од ваква компанија. Тогаш на пазарот веќе постоеја компании кои работеа во сферата на односите со јавноста, создавањето содржина, маркетингот, организацијата на настани, закуп на медиумски простор, дизајн, видеопродукција. Нашата компанија понуди нешто ново на пазарот – интегриран пристап во сите овие сфери на ангажман откако сфатив(ме) дека комуникацијата е нишката која ги поврзува сите овие дејности. Донесувајќи ги вредностите на европските комуникации, благодарение на искуството и на знаењето на колегите од другите канцеларии на Чептер 4 во Европа, стартувавме и опстоивме сите овие години. Секако, огромна благодарност и до сите колешки и колеги кои работеле во нашава компанија за придонесот во нејзиното градење и промовирање кон надворешната јавност. Сите нејаснотии, предизвици, новитети ги декодиравме и ги „тестиравме“ во комуникација со нашите колеги од мрежата и со нашите клиенти.
Нашиот модел на функционирање и во Македонија, но и во сите други канцеларии, претставува неформален систем на експерти од различни професии кои стануваат тим при соочување и решавање на конкретен комуникациски предизвик. Затоа Чептер 4 Македонија секогаш ангажирала квалитетни познавачи на дејноста кои професионално ја завршувале задачата за која се ангажирани.
Работното време секогаш било еластично, односно било дефинирано од страна на клиентите, на задачите, на ангажманите и затоа што креативноста не подразбира врамување во временска рамка. Никогаш не знаете кога ќе „ви светне“ одредена идеја како најдобро решение за соодветен предизвик. Од друга страна, постојат граници до кога одредена задача треба да биде завршена. Овој модел беше сериозен предизвик за вработување и за ангажирање експерти кои, барем дотогаш, беа навикнати да работат во конкретен временски период од осум часа и потоа да уживаат во слободата на денот. Нашата професија дозволува квалитетно уживање во слободата на денот така што ги разделува работните ангажмани на повеќе секвенци во текот на 24 часа. Не е чудно одредено креативно решение да ве разбуди од сон и да бара да биде ставено на хартија. И тоа е нормален процес на креативност. Важно е секој предизвик да биде надминат и да е решен во позитивна насока. Од секој предизвик да се трансцендира кон повисока заедничка цел меѓу агенцијата и клиентот.
.jpg)
Што значи да се биде дел од европска мрежа на агенции за односи со јавност (Чептер 4 Европа – www.Chapter4.eu) и претставник на една од најголемите светски агенции за односи со јавност (Burson – www.bursonglobal.com/)?
ЖИВКОВИЌ: Да се биде дел од Чептер 4 Европа и притоа да сме официјални претставници на глобалната агенција Burson значи да работиме од позиција на двојна предност: локална релевантност и глобална тежина. На дневно ниво, тоа дава пристап до брза мобилизација на регионални тимови, споделени ресурси и практики кои се прилагодливи на специфичните потреби на компаниите и на институциите во Македонија и во земјите од регионот (и пошироко), додека истовремено може да употребиме напредни аналитички алатки, меѓународни стандарди и експертиза од една глобална мрежа кога тоа го бараат проектите. Оваа комбинација ја зголемува нашата способност да испорачаме „влијание“ и експертиза – од комуникациски стратегии до големи мултисекторски кампањи.
Практично тоа значи дека може да понудиме целосни решенија: стратегија, креирање содржини, организација на хибридни настани и имплементација на терен, со гаранција за квалитет и скалабилност. За клиентите и за донаторите ова е важна сигурност – тоа значи дека нашиот тим поседува контекстуална интелигенција и има локализирана брзина, поддржана со глобални процедури и алатки. Исто така пристапот до обуки и до најдобри практики од мрежата ја подигнува стручноста на нашиот тим и ја зголемува довербата на компаниите и на институциите со кои работиме.
Сепак, партнерствата носат и предизвици: координацијата со глобални тимови може да ја зголеми сложеноста и да бара јасни СЛА (service level agreements) и процеси за одговорност. Тоа го решаваме со јасен проектен менаџмент, со комплетни интеграции на алатките и со транспарентно позиционирање на понудите. Финансиските очекувања ги управуваме преку скалабилни пакети и прецизни договори. Всушност, ова партнерство овозможува да останеме „агилни и локални“ додека работиме со „глобални стандарди и ресурси“. За Чептер 4 Македонија тоа е стратешка предност: може да дизајнираме и да имплементираме проекти и со национален и со регионален опсег и да ги испорачаме резултатите што навистина значат промена – за компаниите, за институциите и за заедниците.
Како информацијата и комуникацијата влијаат на промените во еден систем?
СТОЈЧЕВСКИ: Доколку имаме вистинска информација упатена на вистинска адреса, тогаш таа го има ефектот на камче фрлено во вода. Брановите на влијание се шират и се зголемуваат од една кон повеќе личности, кон повеќе организации, кон повеќе држави. Водејќи се по принципот дека само промената е константа, јасно е дека живееме во постојано променливо опкружување и во постојан тек на информации. Новите технологии и знаења за комуникациите овозможуваат брз и квалитетен трансфер на информации затоа што информацијата е јадрото на целокупното социјално живеење и опстојување, промена и развој.

Во кои насоки ќе се движи развојот на компанијата?
ЖИВКОВИЌ: Развојот на Чептер 4 Македонија ќе се движи преку четири јасни и меѓусебно поврзани приоритети кои ја рефлектираат нашата трансформација кон врвна консултантска и комуникациска куќа во Македонија. Прво, ќе го засилиме фокусот на комуникациските и на содржини за односи со јавност, како и на креирање текстови кои ја истакнуваат суштината на функционирањето и вредностите на нашите клиенти. Наместо „само“ да произведуваме пораки, ќе работиме на длабинско позиционирање како што правиме од самите почетоци: раскажување на причините зошто постојат компаниите, кои се вредностите кои ги водат и како тоа ги зголемува нивната пазарна вредност и удел.
Второ, ќе ги комбинираме техничките ресурси и искуство од нашите колеги во мрежата Чептер 4 Европа и од Burson Global за да ги примениме најдобрите алатки за аналитика, за автоматизација и за мерење на влијанието. Ова вклучува развивање различни пристапи за социјалните мрежи, со посебен акцент на Линкдин, за позиционирање на компаниите во нивните сектори и користење на регионалните и на глобалните ресурси за скалирање на кампањите. Со брзата мобилизација на тимовите и со јасните процеси за координација со партнерите, ќе ја зачуваме локалната агилност додека работиме со меѓународни клиенти и со донатори.
Трето, значително ќе го зголемиме производството на видео- и на фотосодржини во споредба со претходниот период. Ова опфаќа кратки видеа за социјалните мрежи и за телевизијата, професионални фотосесии, видеоматеријали интегрирани во корпоративните дигитални обуки и во модулите за е-учење на нашите клиенти – за да обезбедиме покорисни материјали прилагодени за сите можни платформи на самите компании.
Четврто, управувањето со комуникацијата во кризни ситуации ќе биде вградено како проактивна компонента во сите комуникациски стратегии. Тоа значи реакција при криза или потенцијален скандал и едукација на вработените за совесно управување со брендот (на пример, да се биде примерен учесник во сообраќајот при користење брендирани возила на компанијата значи промовирање на имиџот на брендот), јасни процедури и превентивни мерки кои ја штитат репутацијата пред да се појават проблемите. Во краток рок ќе тестираме и одредени пилот-решенија; на среден рок ќе ги систематизираме процесите; а на долг рок целта на Чептер 4 Македонија е да биде препознаен и потврден лидер кој создава вредност преку стратешки, мерливи и одржливи комуникациски решенија.
Вие докториравте на стратешки комуникации во Нова Горица, Словенија. Кои се вашите очекувања за трендовите во комуникациите?
СТОЈЧЕВСКИ: Бидејќи сè е во знакот на промената, нормално е да има раздвижување и промени и во сферата на комуникациите. Единствена константа во процесот на комуникација е постоењето на информација како суштина околу која се движи дејството. Сите други фактори и компоненти се менуваат или се дополнуваат на едноставната формула: испраќач – канал – примач на порака. Денес комуникацијата во голема мера зависи од технолошкиот напредок и таа совладува сериозни географски дистанци. Новите уреди совладуваат и многу сериозни јазични бариери – додека говорите или пишувате, со помош на вештачката интелигенција се преведува јазикот и се остварува комуникацијата. За жал, овие позитивни вибрации честопати се „нивелираат“ со негативни трендови на дезинформации, со неквалитетни информации, со лошо структурирани информации, со информации без цел.
Денес секој е извор на информација без разлика на квалификациите и на вештините да управува со информации. Промените во комуникациите менуваат и многу други професии како што се: новинарството, односите со јавноста, маркетингот, преведувачката дејност. Под „удар“ е и пишаниот збор кој, најверојатно, е предизвикан или дополнет со аудиовизуелни елементи. Новите генерации немаат „време“ да читаат долго и да посветуваат внимание на долги текстови. Едноставно нивниот интерес при лизгање низ содржината бара кратки, ефективни и впечатливи комуникации за да го задржите нивниот интерес. Останува повозрасната генерација да се прилагоди и да ги следи новите трендови кои ја дефинираат сегашноста и ја трасираат иднината. Веројатно следното наше интервју ќе биде само визуелно, со кратки видеа и со дизајнирани содржини на социјалните мрежи. Дотогаш да бидеме подготвени да ги следиме и да ги прифаќаме промените. Во однос на мојата академска кариера, веќе постои значителен и позитивен „притисок“ од неколку високообразовни институции да започнам со официјално пренесување на знаењето што го акумулирав во текот на годините и кое продолжувам да го надградувам. Намерата е тоа знаење да го пренесам на младите и на сите кои имаат потреба од него.
Нела Соколовска – организација на настани и социјални мрежи
Артикулација, кулминација и кристализација на идејата – трите архитектонски бележја на секој успешен комуникациски процес. Она што го нарекуваме „убав настан“ или „автентично раководен” профил на социјалните медиуми, во Chapter 4 Communications се негува како жив систем кој „дише” низ порите на јасно дефинирана цел, строга организација и проактивен ангажман. Настанот, внимателно конструиран, поттикнува присуство со смисла – раѓа емоција и разбирање за конкретна тема, а потоа ја дисеминира кон светот.
Социјалните медиуми го продолжуваат „животот” на настанот, трансформирајќи го моментот во перманентен наратив. Така организаторите на настани и раководителите на социјални медиуми стануваат филозофи на просторот, на времето и на контекстот со значење. Во сложеноста на комуникациската динамика, маркетинг-содржините стануваат витален екстремитет на „телото” на настанот и неговото дигитално присуство – бидејќи без дисциплинирано избрани термини, во стил кој не знае за синоними, туку само за „вистински” зборови, пораката не би имала сила да го активира интересот во дејство.
Ладислав Кинг – прикажување приказни преку видеосодржини/фотосодржини
Прикажување приказни преку видео и фотосодржини за клиентите значи претворање на нивните вредности и секојдневни практики во јасни, емотивни приказни кои градат доверба и позиција на пазарот. Добро дизајнираниот визуелен наратив не само што привлекува внимание – тој објаснува зошто постои компанијата, инспирира вработени и клиенти и овозможува континуирано користење на материјалите за социјалните мрежи, за традиционалните медиуми и за корпоративните модули за е-учење. Резултатот е поголема релевантност, мерливо ангажирање и долгорочно зголемување на вредноста на брендот.
Разговараше: Ќирко Бошкоски