Финансии / Банкарство
Во декември: Годишен раст од 10,1% на вкупните депозити и од 13,0% на вкупната кредитна поддршка
21.01.2026
Анализирано на годишно ниво, вкупните депозити се зголемени за 10,1%, во поголем дел поради растот на депозитите на секторот „домаќинства", при раст и на депозитите на корпоративниот сектор.
На годишна основа, вкупните кредити се зголемени за 13,0%, како резултат на растот на кредитите кај двата сектора, со малку поизразен придонес на корпоративниот сектор, информираат од Народна банка.
Во декември, вкупните кредити бележат месечен раст од 3,0%, кој се должи на зголеменото кредитирање на двата сектора, коешто е поизразено кај корпоративниот сектор. Споредено на годишна основа, вкупните кредити се зголемени за 13,0% како резултат на растот на кредитите кај двата сектора, со малку поизразен придонес на корпоративниот сектор.
Депозитите на корпоративниот сектор, во декември, се зголемени за 6,0% на месечна основа, главно под влијание на растот на краткорочните депозити во странска валута и депозитните пари, при помал раст и на краткорочните и долгорочните депозити во денари, а во услови на пад на долгорочните депозити во странска валута. Во споредба со декември минатата година, растот од 6,5% се должи на повисоките депозитни пари и краткорочните депозити, а во помала мера и на долгорочните депозити во денари, додека долгорочните депозити во странска валута забележаа намалување.
Овој месец, кредитите на корпоративниот сектор5 бележат месечен раст од 5,1%, којшто во поголем дел е резултат на повисоките кредити во денари, при помал раст и на кредитите во странска валута. Годишниот раст изнесува 15,3% и во целост произлегува од зголеменото кредитирање во денари.
Вкупните депозити на домаќинствата, во декември, се повисоки за 3,6% на месечна основа. Притоа, промената речиси во целост се должи на растот на депозитните пари, при помал раст и на краткорочните депозити, додека долгорочните депозити забележаа намалување. Анализирано на годишна основа, растот изнесува 12,1% и во најголем дел е резултат на зголемувањето на депозитните пари, долгорочните депозити во денари и на краткорочните депозити во странска валута. ‒ Во декември, кредитите на домаќинствата, забележаа месечно и годишно зголемување од 0,9% и 10,9%, соодветно поради растот на кредитирањето во денари и во странска валута, со поголем придонес на кредитите во денари.
Анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, во декември, најзастапените категории, потрошувачките и станбените кредити, бележат месечен раст од 1,4% и 1,7%, соодветно, при годишен раст од 10,6% и 15,8%, соодветно. Овој месец, автомобилските кредити се намалени за 2,1% на месечна основа, додека на годишна основа остварија раст од 1,3%. Кредитите одобрени на кредитните картички, во декември, забележаа месечен и годишен пад од 1,0% и 5,5%, соодветно.
Во декември, негативните салда на тековните сметки и кредитите одобрени врз други основи, бележат месечно намалување од 16,4% и 1,4%, соодветно, при годишен пад од 2,5% и 11,4%, соодветно.