Финансии / Банкарство

ЕКСКЛУЗИВНО за ЕКОНОМИЈА И БИЗНИС | Трајко Славески: Очекувања за 2026 година

Што очекувате од 2026г.

Очекувам дека инфлацијата и натаму ќе следи патека на надолно приспособување и во 2026 година ќе се сведе на 2,5 %

Домашната економија досега се покажа како релативно отпорна на светските ризици и ќе закрепнува и во иднина со солидни стапки на раст. Очекувам дека овие поволни трендови ќе продолжат и во текот на 2026 година, поддржани и од постепеното закрепнување на економиите на нашите најзначајни трговски партнери, како и од засилените инфраструктурни инвестиции во земјава. Остварувањето на јавните инвестиции во патната и во железничката инфраструктура и инфраструктурните проекти на локално ниво ќе бидат клучни за растот. Приватните инвестиции особено ќе придонесат во производниот и во енергетскиот сектор поради солидните странски директни инвестиции. Умерениот раст на расположливиот доход на домаќинствата, како и солидната кредитна активност на банките ќе обезбедат солидна лична потрошувачка. Постепената стабилизација на економиите на надворешните партнери и поповолните услови на размена ќе доведат до закрепнување на извозот на стоки и услуги и дополнително ќе придонесат за зачувување на позитивните економски движења. Сите овие фактори покажуваат дека очекувањата за 2026 година се главно охрабрувачки и дека македонската економија ќе има раст од 4 %. Очекувам дека инфлацијата и натаму ќе следи патека на надолно приспособување и во 2026 година ќе се сведе на 2,5 %, а потоа ќе се врати на историскиот просек од околу 2 %. Поволните движења на светските цени, закотвените инфлациски очекувања и ограничените притисоци преку каналот на домашната побарувачка ќе бидат главните фактори за овие остварувања. Натамошната стабилизација на надворешната позиција на домашната економија ќе обезбеди дополнителен девизен потенцијал и соодветно ниво на девизни резерви неопходни за одржување на стабилноста на домашната валута. Сепак, високата светска променливост и непредвидливоста се неминовни и во следниов период. Народната банка како и досега внимателно ќе ги следи остварувањата со цел да обезбеди стабилност и истовремено да ги поддржи условите за одржлив економски раст во наредниов период.

ПРЕПОРАЧАНО