Вести
„Розов октомври“: Пациенти од 22-23 години оперирани од ракот на дојка
10.10.2025
Во услови на растечка инциденца и сѐ помлада возраст на пациентките, експертите алармираат – неопходно е подигнување на свеста, организиран скрининг и континуирана едукација на медицинскиот кадар за ракот на дојка. Раното откривање не само што спасува животи, туку значително ги намалува трошоците и го олеснува третманот. Ова беа клучните пораки од Меѓународниот симпозиум „Рак на дојка – Современи пристапи“, организиран од Аџибадем групацијата и Здружението ЕЗРА.
На симпозиумот учествуваа истакнати лекари од земјава, Турција и Албанија, кои ги споделија најновите практики во дијагностицирањето и лекувањето на ракот на дојка, со акцент на раната дијагноза, естетски зачувувачки хируршки техники и напредни терапии.
Специјалистот по градна хирургија, д-р Андреја Арсовски, во изјава за МИА ја нагласи сериозноста на состојбата, посочувајќи три клучни проблеми: пораст на инциденцата, намалување на возраста на пациентките и недостиг на организиран скрининг.
-Состојбата е, би рекол, сериозна, затоа што имаме постојан пораст на инциденцата од една страна, од друга страна возраста се намалува, имаме сѐ повеќе групи на помлади пациенти и од трета страна сѐ уште немаме добро дизајниран и организиран скрининг кој што може да доведе до што поголем број на пациентите да се откриваат во најраните фази кога резултатите од лекувањето пред сѐ се многу подобри, поедноставни и поефтини, рече тој.
Арсовски предупреди дека импровизациите во здравствениот систем се неприфатливи и посочи дека треба да се работи на доедуцирање на кадар кој што ќе го спроведува скринингот. Во однос на капацитетите за справување со проблемот, изјави дека не се доволни.
-Капацитетите во моментот не се доволни. Пред сѐ во делот радиолози и радиотехничари кои што се обучени за спроведување на адекватен скрининг. Меѓутоа, со една ангажираност на сите, од политички, социјални и здравствени фактори, мислам не е проблем да се подобри значително состојбата во наредниот период. Сметам дека не смееме веќе да премолчуваме пред овој проблем што може да се реши. Ние како хирурзи воведуваме и нови техники, успеваме да се справиме со хируршкиот дел на овој навистина сериозен проблем, меѓутоа, тоа е само еден дел од решавањето на проблемот, посочи тој.
Специјалистката по радиодијагностика, д-р Маја Стојчевска – Чапова, истакна дека иако свесноста за ракот на дојка е во пораст, бројките покажуваат дека кај нас сѐ уште доминираат доцните дијагнози.
-Свесноста за постоењето на малигните болести на дојка е постојано во пораст и добро е дека постојано се зборува за тоа, меѓутоа сѐ уште не е на задоволително ниво. Ако во светски рамки, стапката на рано откриени карциноми на дојка се движи околу 75 проценти на сите новооткриени карциноми на дојка, кај нас е малку обратно. Само околу 27 проценти од пациентите дијагностицирани со малигна болест во моментот на дијагноза беа во ниските стадиуми 0 и 1, рече таа.
Апелираше до жените да не чекаат симптоми, туку да се појавуваат на превентивни прегледи со цел рано откривање на карциномот на дојка.
Во однос на технологијата, таа додаде, неопходна е постојана едукација на лекарите.
- Секако, голема улога во раното откривање на карциномот на дојка е можноста да се користат соодветни машини кои што имаат можност да го детектираат рано карциномот... Исто така, важна е континуирана едукација на лекарите што се занимаваат со оваа патологија бидејќи постојано доаѓаат нови информации, додаде Чапова.
Хирургот Илир Вела од Клиничкиот центар Скопје, исто така, потврди дека и покрај постоењето на Национална програма за скрининг, пациентките сè уште доаѓаат во напреден стадиум.
-Во Македонија без разлика што постои Национална програма за скрининг на дојка, и секоја година последните 20 години се одржуваат во тек на октомври разни панели, дискусии, симпозиуми за третирање на карциномот на дојка, кај нас се уште доаѓаат пациенти во напреден стадиум. Тоа е мака како за пациентите така и во однос на медицинскиот третман, рече тој, додавајќи декка третиот Ц стадиум е најлошиот и најтежок за третман.
Предупреди дека карциномот на дојка веќе не познава возраст и апелираше секоја жена редовно да прави самопреглед.
-На нашата Клиника имаме пациенти оперирани на возраст од 22-23 години. Веќе нема граница на тоа. Секоја девојка или секоја жена најважно е да направи самопреглед... Самопрегледот е многу важен, потенцираше тој.
Меѓународниот симпозиум „Рак на дојка – Современи пристапи“ понуди продлабочени теми како рана дијагноза на тумори кои често се пропуштаат на снимки, нови техники на мастектомија кои ја зачувуваат естетиката и квалитетот на живот, напредокот во радиотерапијата, како и еоадјувантни третмани што суштински го менуваат пристапот кон лекувањето.
Октомври е меѓународно признат како месец на свесност за ракот на дојка, познат и како „Розов октомври“. Овој месец има длабоко значење и важна улога во борбата против оваа болест, која е најчестиот карцином кај жените и водечка причина за смртност кај женската популација.
Извор/фото МИА