Бизнис

ХРВАТИТЕ НАЈМНОГУ ПАТУВААТ ВО БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА, иако Хрватска важи за европска туристичка сила

Во 2024 година  хрватските граѓани  патувале повеќе приватно и повеќе денови отколку во 2023 година. Минатата година приватните патувања на хрватските граѓани се зголемиле  за 9,1 процент и биле остварени вкупно 5,5 милиони вакви патувања. Најголемиот дел од нив или 3,6 милиони патувања се оствариле во Хрватска. Според податоците на Државниот завод за статистика, Хрватите на сите патувања потрошиле вкупно 2,3 милијарди евра.

Минатата година секој втор (возрасен) жител на Хрватска бил на барем едно приватно повеќедневно патување. Тие кои не патувале никаде најчесто го наведувале недостатокот на пари како причина.

Во 2024 година, хрватските жители најчесто оделе на патувања со автомобил, по што следувале автобуси и авиони.  Просечниот износ потрошен на патување е 344 евра

Од вкупно 5,5 милиони повеќедневни приватни патувања направени од хрватски жители 65,6 проценти или 3,6 милиони патувања биле во Хрватска, што е зголемување од 9,5 проценти во споредба со 2023 година.

Меѓу овие патувања во Хрватска, 54,5 проценти или 2 милиони биле пократки патувања, до три ноќевања.

Во Хрватска, жителите најмногу патувале во текот на летните месеци во 2024 година, во јуни, јули и август, кога биле направени 40,3 проценти од сите годишни повеќедневни приватни патувања во земјата.

Од вкупно 2,3 милијарди евра потрошени за сите приватни повеќедневни патувања во Хрватска и во странство, 1,2 милијарди евра се потрошени за патувања во Хрватска. Меѓу странските земји Хрватите  најмногу патувале  во Босна и Херцеговина, каде што се направени 20 проценти од вкупните повеќедневни патувања во странски земји.

По нив следат Италија, Словенија, Австрија, Германија, Србија, Унгарија и Шпанија. Во 2024 година Хрватите потрошиле една милијарда евра за сите патувања во странски земји, или просечно 551 евро по патување, што е за 17 проценти повеќе отколку во 2023 година.

Што се однесува за деловните еднодневни патувања, во 2024 година се реализирани вкупно 460 илјади патувања. Од нив, 385 илјади (83,6%) се реализирани во Хрватска, додека 75 илјади (16,4%) се реализирани во странство. Вкупните трошоци за деловни еднодневни патувања изнесуваат 48 милиони евра. Просечната потрошувачка по деловно еднодневно патување во Хрватска изнесувала 101 евро, односно 123 евра во странство, пренесува Пословни дневник.


фото freepic 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано