Бизнис
Емоционална интелигенција − најбараната вештина на новото време
Ида Протугер | Авторот е психолог и тренер за личен и системски организациски развој
Економија и бизнис | печатено издание | 01 мај 2025г.
Во ерата на дигитализација и на технолошка револуција каде што машините постепено заменуваат сè повеќе човечки операции, она што останува автентично човечко и наша „конкурентска“ предност се емоциите.
Што се емоциите? Емоциите се основа за целата креација во светот низ историјата − од пронајдоци, преку уметнички дела, сè до спортски или други индивидуални и колективни резултати.
Емоциите се двигатели на нашето однесување. Ако ги замислиме како акумулатор на енергија која би се ставила во погон на креација и на постигнувања во една организација, важни услови се психолошката сигурност и потребата за почит како суштински за креативна работна атмосфера. Во спротивно, таа енергија ќе премине во фрустрации, во конфликт и ќе создава токсична атмосфера.
Битна разлика за тоа како во една организација ќе се користи емотивниот резервоар на „човечките ресурси“ е токму емоционалната интелигенција (ЕИ) како вештина за ефективна комуникација и градење продуктивни односи.
Емоционалната интелигенција во последно време станува најбарана вештина за работното место бидејќи таа овозможува успех во тимска соработка, во управување со стресот, при добивање повратни информации и лична отпорност и благосостојба.
ЕИ подразбира способност за увид во сопствените емоции и потреби, активно слушање, емпатија и „читање“ на она што се случува во просторијата, односно емоциите, потребите, интересите и корпусот на размислување на другите.
Според Даниел Голман, еден од клучните промотори на овој концепт, емоционалната интелигенција претставува способност да ги препознаеме, да ги разбереме и да управуваме со сопствените емоции, но и со емоциите на другите. Таа е способност да одговориме наместо да реагираме, односно да го избереме нашето однесување наместо да дозволиме импулсот да доминира.
ЕИ има четири основни компоненти:
• Препознавање и валидирање на сопствените емоции (самоемпатија).
• Емоционална регулација − умешност да ги регулирате емоциите за да не преземат контрола врз однесувањето.
• Препознавање и валидирање на емоциите кај другите − емпатија.
• Менаџирање на социјалните односи − социјални компетенции.
Самоемпатија како почетна точка за сите останати
Секој од нас се нашол во ситуација да се врати од работа со одредена негативна емоција која нѐ жули како камче во чевелот. Ако не постои увид во емотивната состојба, во однесувањето и во можните алтернативни реакции во иднина, таа емоција може да се трансформира во апатија, агресија или друго чувство кое не нѐ прави среќни, ни нас ни другите.
Да препознаеме што чувствуваме, зошто го чувствуваме тоа и која е потребата зад доживеаната емоција е суштината на самоемпатијата. Една корисна вежба за таков увид е т.н. дневник на емоции со следниве прашања:
• Каква емоција ме мачи како „камче“ во чевелот?
• Што се случи? Таа емоција е резултат од кој настан, ситуација или мисла?
• Која беше потребата зад таа емоција?
• Како изреагирав?
• Како алтернативно можев да изреагирам?
Бидејќи емоциите се, пред сè, телесни и физиолошки реакции на надворешниот свет и внатрешните стимулуси (мисли, сеќавања), тие не можат да се контролираат. Она, пак, што може да го контролираме е нашето однесување.
Тоа е и суштината на емоционалната регулација.
Емоционална регулација
Често за луѓето на Балканот се вели дека се многу емотивни бидејќи постои изразување на емоциите на интензивен начин. Интензивните емоции, сепак, не се географска карактеристика и ги доживуваме сите. Но, културата и социјалниот контекст влијаат за степенот на регулација на тие емоции. Емоционалната регулација значи да не дозволиме емоциите да ни ја „киднапираат“ контролата врз однесувањето. Емоционалната регулација не значи потиснување, туку вештина да се даде простор меѓу стимулусот и одговорот или како што вели познатиот австриски психолог Виктор Франкл: „Меѓу стимулусот и одговорот постои простор. Во тој простор е нашата моќ да го избереме нашиот одговор“.
• Емоционалната реакција е однесување водено од моменталниот импулс без поголемо размислување за можните последици од однесувањето.
• Емоционалниот одговор е воден од емоционалната интелигенција и вклучува можност да се препознаат емоциите и да се менаџираат на начин кој промовира позитивен исход за личноста.
Развивање емпатија
Емпатијата е третата компонента на ЕИ и вклучува три вида:
• Когнитивна емпатија која значи способност да се прифати туѓата перспектива, не нужно да се согласите со неа или да ги почувствувате емоциите на соговорникот, туку едноставно да го прифатите неговиот поглед на нештата. Многу често во организациите конфликт настанува кога луѓето сакаат секој да мисли како нив и поинаквата перспектива ја гледаат како личен напад.
• Вториот вид емпатија е емоционалната кога човек може да се соживее со емоцијата на другиот, да ја разбере емоцијата како и тој да ја чувствува.
• Третиот вид емпатија е сочувствување кон дејстување, не само да се почувствува туѓата емоција туку и да се тргне во акција да се поддржи другиот.
Ние најчесто наместо преку емоции и потреби комуницираме очекувања преку критики што го активира, како што опишува психологот Даниел Гилбер, „психолошкиот имун систем“ на самоодбрана на соговорникот. Секој тежнее да има позитивна слика за себе и оттука нападот на таа слика го активира одбранбениот систем и го затвора каналот на комуникација кон решенија.
Затоа алатките како „двојник“ (Doubler) во тренирањето ни помагаат да ги преведеме зборовите во емоции и потреби и така да отвориме простор за вистински дијалог.
Во улогата на „двојник“ тренерот го преведува говорот на јазикот на емоциите и на нереализираните потреби. На пр. ако некој менаџер импулсивно во лутина обвинува дека некој му задоцнил со задачите, „двојникот“ тоа го „преведува“: „Се чувствувам непочитувано и несигурно кога она што сме се договориле не функционира. Кое решение го предлагаш да се надмине овој проблем?“
Таквата интервенција го подигнува увидот за еден поинаков вид ненасилна комуникација.
Социјален менаџмент
Четвртата компонента на ЕИ – социјалниот менаџмент − е клучна за лидерите. Социјалниот менаџмент подразбира вештини како градење доверба, активно слушање, конструктивно решавање конфликти и создавање простор каде што секој се чувствува слушнат и важен. Лидерот со развиен социјален менаџмент не само што комуницира ефективно туку умее и да води култура на соработка, на поддршка и на заедничка визија.
Иако често се избрани поради стручност, токму емоционалната интелигенција е тоа што им овозможува да мотивираат, да слушаат и да извлекуваат потенцијал од другите.
Лидер кој има увид во своите емоции и умеe да ги регулира полесно ја „чита“ динамиката во тимот и ја насочува енергијата кон раст.
Мерење на ЕИ
ЕИ се мери на поинаков начин од когнитивната интелигенција.
На ниво на организација, многу популарна алатка за постигнување увид за сопствените перформанси и однесување е „360 степени повратна информација“. Прво се оценувате самите, а потоа ги споредувате со мислењата на вашиот надреден, на колегите, на директните подредени и на надворешните партнери. Преку овој процес стекнувате увид како ве перципираат другите.
Друг е стандардизираниот тест на Маер, на Саловеј и на Карузо − МСЦЕИТ (MSCEIT [Mayer-Salovey-Caruso Emotional Intelligence Test]). Тој е психолошки инструмент кој ја мери емоционалната интелигенција како способност, а не како лична особина. Тоа значи дека не се базира на субјективни самооценки, туку го испитува реалното умеење на личноста да:
• препознае емоции – на лица, на слики, на ситуации
• користи емоции – за размислување и за решавање проблеми
• разбира емоции – нивната сложеност и поврзаност
• управува со емоции – и во себе и во односите со другите.
За крај важно е да се знае дека ЕИ не е вродена способност, туку таа може да се научи, да се вежба и да се развива. Таа не нè прави послаби, туку поискусни во тоа како да се движиме низ светот што интензивно се менува. Бидејќи нашиот успех главно вклучува и други луѓе со кои соработуваме, ЕИ помага во градење на нашата психолошка отпорност преку квалитетните конекции како вреден ресурс.