Бизнис
Небанкарски финансиски друштва ќе го промовираат Етичкиот кодекс на групацијата при Стопанската комора
11.06.2025
Групацијата на небанкарски финансиски друштва при Стопанската комора на Северна Македонија, денеска ќе одржат прес-конференција на која ќе го промовираат Етичкиот кодекс со кој се утврдуваат минималните стандарди во работењето на финансиските друштва.
Како што стои во соопштението на Стопанската комора, Етичкиот кодекс претставува збир на вредности, принципи и добри практики од работењето на финансиските друштва, потписници на Етичкиот кодекс, кои се во согласност со законски пропишаните регулативи и ги надградуваат истите.
Целта е, велат, да се унапреди работењето на финансиските друштва и да се подобри корисничкото искуство на нивните клиенти, да се поттикне поголема социјалната одговорност на финансиските друштва, како и да се унапреди релацијата на финасиските друштва со потрошувачите, односно корисниците на нивните услуги.
На настанот, финансиските друштва членки на Групацијата, ќе го потпишат Етичкиот кодекс, со што и формално ќе се обврзат на примена на неговите принципи и вредности.
Финансиските друштва членки на Групацијата при Стопанската комора продолжуваат во континуитет да работат на подобрување на екосистемот за одговорно кредитирање, заштита на клиентите, подобрување на бизнис условите на пазарот, усогласување со глобалните стандарди, како и подобрување на видливоста и репутацијата на небанкарските финансиски институции. Во тој контекст, донесувањето на Етичкиот кодекс следи по кампањата за финансиска едукација за заштита на личните податоци.