Финансии / Банкарство
Блажековиќ: Македонија е лидер во регионот Адрија по потрошувачка на домаќинствата како удел во БДП
04.06.2025
Во текот на изминатите 10 години, македонскиот економски раст порасна во просек за 2,3 проценти. Да не беше пандемиската 2020 година, овој раст во просек би изнесувал малку над три проценти, што може да се смета за солидна стапка на раст за малата и отворена економија на Македонија, рече Михаел Блажековиќ, тим лидер на аналитика во „Блумберг Адрија“ во денешното обраќање на конференцијата „Потрошувачки трендови“ во рамки на кое презентираше анализа на макроекономската состојба на земјава.
„Овој раст во голема мера зависи од потрошувачката на домаќинствата, која сочинува дури 68 проценти од БДП. Македонија е лидер во регионот Адрија по потрошувачка на домаќинствата како удел во БДП. Во текот на изминатите пет години, оваа зависност се зголеми за 2,4 процентни поени. Спротивно на тоа, Босна и Херцеговина го намали својот удел во потрошувачката на домаќинствата за 5,9 процентни поени. Зависноста од потрошувачката не е аномалија, туку нормална ситуација“, вели Блажековиќ, објави Блумберг Адрија МКД.
фото freepic