Вести

Царината спречи обид за криумчарење 6,4 килограми сребро

16.04.2025

На граничен премин Богородица спречен е обид за криумчарење на 6,4 килограми сребро во вредност од 472 илјади денари. Против сторителот ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело криумчарење, казниво по Кривичниот законик, соопшти денеска Царинската управа.

Случајот, како што е наведено во соопштението, е откриен од мобилен царински тим кој на влез во државата на граничен премин Богородица при контрола на камион со стока од Турција наменета за македонска фирма, во фабричките празнини пронајде непријавени 1.944 парчиња сребрен накит со тежина од 5,4 килограми и две сребрени плочки со тежина од еден килограм. Дополнително во сандакот за алат под долниот кревет и под возачкото седиште биле пронајдени и 20 штеки цигари, меѓу кои „малборо“ и „мурати“.

- Сторителот откако ја натоварил стоката во Истанбул, се договорил да преземе две ќеси сребро и да го пренесе во Скопје за одреден надомест. Истите ги скрил во делот на фиоките кај совозачкото седиште и во делот на возачкото седиште позади пластиките кај електрониката, по што се упатил кон нашата држава, информираат од Царинската управа.

ПРЕПОРАЧАНО