Бизнис
Ивановски: Новите предизвици се можност за надградба со која би излегле посилни, поспремни за соочување со светската конкуренција
Метална и електроиндустрија
Економија и бизнис | печатено издание | 15 март 2025г.
дипл. ел.инж. Велибор Ивановски, член на УО на Здружението на металната индустрија и електроиндустријата, управител на Раде Кончар − Контактори и релеи
Раде Кончар – Контактори и релеи ДОО − Скопје како дел од АД Апаратна техника − Скопје е компанија од областа на електроиндустријата, која опстојува на овие простори повеќе од 77 години. Нејзината основна дејност е производство на нисконапонска склопна опрема која е неопходна за управување, за регулирање и за заштита на индустриската опрема и на апаратите. Компанијата со 100 % домашен капитал, присутна е на пазарите во Европа, во Азија, во Северна Африка и во Америка. Моментално извозот сочинува 90 % од нејзиното производство, што се пласира во повеќе од 35 земји преку наши дистрибутери и локални партнери или преку крајни купувачи. Квалитетот на сопствените производи е потврден со меѓународни СВ-сертификати признати во Европа и пошироко.
Во последниве години компанијата има вложено значителни средства во обнова на машинскиот парк, инвестиции во нови технологии, а посебно во развојот на нови високоеколошки производи неопходни за опстојување на сегашните и освојување на нови пазари. Поради нестабилната ситуација со енергентите во последниве години, компанијата инвестираше во изградба на две фотонапонски централи за сопствени потреби. Со тоа ја потврди и заложбата за исполнување на условите за „зелена компанија“, што позитивно влијае на зачувувањето на околината, што е потврдено и со Б-еколошката дозвола.
Покрај влијанието на суровините, што во последниов период несразмерно се менуваат, така и состојбите во светот значително влијаат на пласманот на компанијата. Ова се одразува и во двата правци: при набавка на репроматеријали и при извоз на нашите производи. Двата поголеми конфликти кои моментално се случуваат влијаеја на губење на цели пазари и стопирање на испораки во одредени од нив. Од почетокот на годинава, со промената на администрацијата во САД, се чувствува стагнација на побарувањата од сите странски купувачи со што извозот бележи намалување и до 25 %.
Сепак, и покрај тешкотиите во извозот, компанијата продолжува со работа и со развој во сите сегменти на секојдневното работење, подобрување на условите за работа на вработените, обуки на вработените на сите нивоа, воведување нови попродуктивни решенија, подобрување на ефикасноста во работењето, имплементација на нови софтвери и безбедност при работењето. Преку дуалното образование, компанијата е вклучена во процесот на обука на младите кои би продолжиле да работат во производствените компании.
Во вакви комплицирани меѓународни случувања за пофалба е раздвиженоста на домашниот пазар каде што се чувствува подобрување на условите за трговија, посебно очекувањата од новата кредитна линија од страна на Владата која сигурно ќе поттикне развој и унапредување на компаниите. Новите предизвици се можност за надградба со која би излегле посилни, поспремни за соочување со светската конкуренција како на домашниот пазар така и, пред сè, на светските пазари.