Вести
Велес и Куманово со високо аерозагадување
08.01.2025
Општина Велес даде препораки за граѓаните, откако е надминат прагот на суспендирани честички со големина до 100 микрограми на метар кубен два дена по ред, бидејќи на 5 и 6 јануари се измерени концентрации од 101,95 мg/m3, односно 100,68 мg/m3.
На велешани им се препорачува да го користат јавниот превоз, возила да не се користат без поголема потреба или доколку се користат повеќе лица да се возат со едно возило во исто време, да не се користи за затоплување на простории прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, парчиња гума и било каков синтетички материјал, рано наутро и доцна навечер да се избегнува долготрајна изложеност на отворено, правилно да се користат печките за дрва, да се користи суво не влажно огревно дрво и редовно да се чистат оџаците, како и да се одложат сите активности на отворено.
Препораките се дадени согласно резултатите од мониторинг станицата за квалитет на амбиентен воздух Велес 2 на Државниот автоматски мониторинг систем при Министерството за животна средина и просторно планирање, за 5 и 6 јануари 2025 година.
За осум дена, втор пат надлежните институции издадоа предупредување и препорачаа мерки за намалување на аерозагадувањето во Куманово. Денеска од општината, повикаа да се почитуваат повеќе мерки поради надминување на прагот на информирање за суспендирани честички со големина до 10 микрометри PM10, измерени на 6 и 7 јануари, годинава, со среднодневни концентрации над 100 μg/m3.
-Согласно добиениот Акциски план со краткорочни мерки за чист воздух (ноември-февруари 2024-2025 година) од Министерство за животна средина и просторно планирање и Заклучокот на Владата од триесет и третата седница, Општина Куманово им препорачува на граѓаните, да користат јавен превоз, да не користат возила без поголема потреба, да се возат повеќе лица во едно возило, да не се користи за затоплување на простории прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, парчиња гума и каков било синтетички материјал, да се користат правилно печките за дрва и строго се забранува на горење на отворено, информираа, денеска од Oпштината.
Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје, препорачаа ранливите категории, децата, старите лица, болни од хронични болести на белодробниот и срцевиот систем, со посебен ризик за болните од белодробна астма, да го ограничат движењето, а се препорачува и ограничено движење и активности на лицата, кои својот професионален ангажман го извршуваат на отворен простор.
Граѓаните се жалат дека несовесни граѓани палат различен отпад долж течението на Кумановка, воздухот е неподнослив после 18 часот. Празнично во градот се слушаа огномети и различен вид пиротехника и покрај предупредувањата на надлежните дека дополнително се загадува воздухот.
Извор/фото МИА