Вести

Православните христијани го слават Рождеството Христово – Божик

07.01.2025

Православните христијани во земјава денеска го слават Рождеството Христово-Божик. Во сите храмови на Македонската православна црква изутринава се одржуваат божикни литургии. Централното одбележување е во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, каде архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан ќе богослужи архиерејска литургија на Св.Василиј Велики.

По повод Божик, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, до свештенослужителите, монаштвото и до сите верници, упати Божикно послание во кое им пожелуваат мир и благослов од Бога, поздравувајќи ги со величествениот торжествен поздрав – Христос се роди! Во кое се вели:

Богомладенецот: дали ќе го следиме примерот на исплашениот Ирод, што води во погибел; или оној на смирените и искрени мудреци и пастири, кои со радост Му се поклонија на новородениот Цар?

Воплотувањето на Бога, во личноста на Господ Исус Христос, е настан со значење за сиот свет и за сите времиња. Преку тоа собитие, целото создание се преобразува, а на човештвото му се овозможува учество во божествениот живот и му се дава слобода преку победата над гревот и над смртта. А еден од даровите на тој спасоносен настан е потврдувањето на вистината дека секоја личност е посебна и неповторлива, обдарена со посебни дарови и таланти. Христијанството ја возвестува вистината дека секоја личност има непроценлива вредност пред Бога, Кој толку го возљуби човекот и светот, што самиот Себеси Се понижи до таа мера да се роди во пештера, да прими лик на слуга, па дури и да биде распнат на Крст – за сите и за сè.

Па, нас ништо не нè принудува да наликуваме на Ирода! Напротив, бивајќи крстени во името Христово, можеме да ја следиме ѕвездата на нашата совест којашто нè води до Христа, та Нему да Му ги принесуваме нашите лични дарови и таланти. Правејќи го ова, се ослободуваме од духовната поробеност, со што ни се покажува друг пат, патот на Евангелието, патот на вистинската слобода во радосната заедница на Неговото вечно Царство.


Извор/фото МИА

 

ПРЕПОРАЧАНО