Бизнис
ГРАДЕЊЕ ПАРТНЕРСКИ ОДНОС И ИЗБАЛАНСИРАН МОДЕЛ МЕЃУ АКАДЕМСКОТО И ПРАКТИЧНОТО ОБРАЗОВАНИЕ НА МАКЕДОНСКИТЕ УНИВЕРЗИТЕТИ, јавна дебата во Стопанската комора на Северна Македонија
13.12.2024
Позитивното искуство од воведувањето на дуалниот модел на образование во средните стручни училишта може да биде добар пример и за подобрување на образовните програми на универзитети во Македонија, во кои би имало избалансиран однос меѓу стакнувањето на академските знаења и потребните вештини на завршените студенти, кои полесно ќе се вклучат во тековите на македонската економија, но и ќе одговорат на потребите на домашните компании за стручен кадар. Само со градењето на партнерски однос меѓу универзитетите, бизнис заедницата и државата може да се почуствуваат придобивките од побрзото поврзување на интересите и потребите на образовните институции во земјата и бизнис заедницата. И приватниот сектор и универзитетите во Македонија имаат капацитети за подобрувањето на вештините и знаењата на завршените студенти, но за тоа ќе биде потребно и поактивен ангажман на државата во забрзување на овој процес, преку менување на образовниот систем и преку разни други поволности кои ќе придонесат за задржување на младите образовани лица во Македонија. Ова се заклучоците од денешната дебата за „Придобивки од воведување на практична настава во високото образование и улогата на Бизнис заедницата во процесот“, што беше организирана во Стопанската комора на Северна Македонија.
- Кога министрите за образование и за здравство ќе станат важни фигури во нашиот политички живот, тогаш можеме да кажеме дека сме успеале. досега во земјава за 31 година се смениле 25 министри што е 1,2 години просечен мандат по министер. Па што ќе направи тој за тоа време? Треба да се менува системот, основата на општеството, порача Бранко Азески, претседателот на Стопанската комора.
Комора, пред десет години го почна процесот за дуално образование во средното образование, а ако тоа се примени на високото образование, ќе добиеме уште повеќе, додаде Азески.
- Не се срамиме да кажеме дека немаме искуство. Образованието е темел на државата, а она што ние најмногу можеме да испорачаме е создавање потребен кадар, врска меѓу бизнисот и образованието, порача Азески.
За Вероника Хулман, Амбасадорка на Швајцарија во Македонија, поддршката што нејзината земја ја дава за македонскиот образовен систем е огромна, а особено е важно дуалното образование.
- Соработката меѓу приватниот сектор и факултетите е клучна за македонската економија. Македонските ученици кои минаа низ дуалното образование многу полесно се снаоѓаат на своите работни места не само во Македонија, туку и надвор од земјата. Ова е вин-вин ситуација и затоа висообразовните институции мора да дадат поддршка за воведување на практичната настава, додаде Хулман.
Биљана Ангелова, ректор на Универзитетот „Кирил и Методиј“, најави дека од следната година почнуваат со реализација на студиските програми и обучени се менторите на три домашни факултети, кои ќе стартуваат од идната учебна година.
- Мора да се има предвид потребата од високостручни кадри кои ќе одговараат на македонскиот пазар на трудот, а наша цел е да продуцираме професоналци со знаења и вештини за потребите на приватниот сектор, изјави Ангелова, која нагласи дека универзитетите во Македонија поседуваат потенцијал да одговорат на потребите на македонските компании доколку пројават интерес за спроведување на истражувања од различните области и дејности.
Наташа Јаневска, проектен менаџер во Стручната служба на СКСМ, информираше дека од 64 отсто запишани во средните стручни училишта во 2019-2020 година, денес тој процент е 70, а од 11 компании во кои се одвива практичната настава, сега нивниот број е дури 560.