Бизнис
Средба Азески-Јаневска: Дуалното образование да биде во фокусот на стопанството и образованието
23.07.2024
Продолжување и подобрување на процесот на дуалното образование во средните училишта и во подобрувањето на знаењата и вештините да бидат вклучени и студентите од универзитетите во Македонија, за што би се вклучиле повеќе домашни фирми, но и државните институции. Ова е договорено на денешната средба меѓу претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески и министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
- Нашата определба е во наредниот период образованието и здравството да ги имаат клучните компоненти кој ќе овозможат поинаков пристап за развој на нашата економија и држава. Како Комора успеавме во почетната фаза на дуалното образование да направиме голем чекор и стигнавме до 560 компании кои се вклучени во дуалното образование. Договоривме овој процес да продолжи со водведување на исти алатки и во високото образование. Присуството на странските компании имаат потреба од нови технологии и обучени кадри. Ќе имаме додадена вредност ако ги создадеме кадрите овде и тие да останат овде и да придонесуваат за потребите на домашниот бизнис, изјави Азески.
Министерката за образование Весна Јаневска рече дека имале краток, но конструктивен состанок полн со разбирање.
- Образованието и стопанството се една целина блиско поврзана и неразделна. Важно ни е да продолжиме да соработуваме. Комората ни помогна во реализацијата на потербите на пазарот на труд наспроти образованието, кое мора да се прилагодува на потребите на бизнисот. Образованието мора да биде партнер на бизнисот , изјави Јаневска
Ставот на Комората во однос на криминалот, корупцијата и сивата економија, е толеранција нула, истакна Азески одговорајќи на новинарско прашање, за кое рече дека има политичко значење.
- Македонија има три диспаритети. Едниот е меѓу капиталот и трудот. Капиталот, односно сопствениците, мислат дека работниците не работат доволно. Спротивно, тие мислат дека не се доволно платени и тоа егзистира. Второто е, диспаритетот меѓу активното и издржуваното население за кое сите знаеме како се рефлектира, ја одржува сивата економија на високо ниво. Трето прашање, значи дека треба да продолжи континуитетот на правната проблематика и правните прашања за време на владеењето на една власт, а дали ќе се злоупотреби, тоа е друго прашање. И за тоа треба да постојат институции што тоа ќе го санкционираат, рече Азески.
Во врска со ребалансот што го објави Владата, Азески кусо одговори дека развоен Буџет сме немале од 1992 година.
фото МИА