Вести
Министерот Андоновски објави дека балансерот од денеска е прочистен и неговото укинување ќе се одвива во фази
28.06.2024
По десет најбарани услуги од бизнис секторот и од граѓаните ќе бидат поставени на порталот на владини услуги во првата фаза од дигиталната трансформација која ќе се спроведува во наредниот четиригодишен период. Изборот на дигиталните услуги ќе биде направен врз основа на предлозите на бизнис заедницата односно на барањата од Стопанската комора на Македонија и од Македонија 2025, а ќе се однесуваат на услугите кои се поврзани со Управата за јавни приходи, изјави Стефан Андоновски, новиот министер за дигитална трансформација, кој на денешниот брифинг со новинарите, информираше за приоритетите за работа на новоформираното министерство .
- Со формирањето на посебен ресор за дигитална трансформација ја корегираме затегнатата состојба на нерационалност и дисперзираност на надлежностите и се исклучува паралелизмот на функциите кои беа поделени во различни министерства. Нашите цели за овој период се задоволни граѓани кои имаат брз, лесен и евтин пристап до услуги и секако и на борба против корупцијата. Сметаме дека со дигитализацијата на услугите за граѓаните и бизнисот ќе се намали и корупцијата, изјави Андоновски.
Подобрувањето на услугите за бизнис секторот ќе се одвива низ повеќе сегметни: создавање на модерна дигитална економија, со унапредување на ИКТ образованието и воведување на практики во државните институции за студентите од информатичките студии, со приватниот сектор ќе се работи на основање на технолошко-иновациски парк со цел да се привлечат компании со висока технологија и воведување на нови технологии во домашните компании, а ќе се регулира и статусот на фриленсерите кои се најмногу застапени во информатичката индустрија.
Министер за дигитална трансформација Стефан Андоновски информираше дека „времето на балансирање по етнички клуч останува во минатото, но со почитување на Уставот кој гарантира соодветна и правична застапеност“.
- Балансерот од денеска е прочистен и неговото укинување ќе се одвива во фази. Денес, бројките на дигиталната алатка балансер се променети да одговараат на пописните резултати исклучиво на резидентното население од пописот во 2021 година. Што значи дека лицата попишани во држави како Италија, Швајцарија, Германија и други нема да бидат дел од дигиталната алтка балансер за вработување во Македонија, рече Андоновски.
Од Министерството за дигитална трансформација ја презентираа новата листа со усогласени податоци за структурата на резидентното население во Македонија, која се разликува од податоците со последниот Попис на населението:
Вкупно попишано население
54,21 % се изјасниле како Македонци
29,52 % се изјасниле како Албанци
3,98 % се изјасниле како Турци
2,34 % се изјасниле како Роми
1,18 % се изјасниле како Срби
0,87 % се изјасниле како Бошњаци
0,44 % се изјасниле како Власи
Вкупно резидентно население во Македонија
58,44 % се изјасниле како Македонци
24,30 % се изјасниле како Албанци
3,86 % се изјасниле како Турци
2,53 % се изјасниле како Роми
1,30 % се изјасниле како Срби
0,87 % се изјасниле како Бошњаци
0,47 % се изјасниле како Власи
фото freepic