Lifestyle
Мал вовед за филмот на годината
Економија и бизнис | печатено издание | април 2023г.
ПОРАКА ОД ШАРЛОТ ВЕЛС
Драги филмофили,
Се надевам дека оваa порака ве пронаоѓа во добро расположение, доброволно претплатени наместо спамирани. Вообичаено како и секој вторник, во ова време би била на терапија, но оваа недела сум во авион и патувам во Лос Анџелес по повод премиерата на мојот прв долгометражен филм Афтерсан (Aftersun, 2022). Ги слушам Tindersticks со саундтракот за „Ѕвездите на пладне“ (Stars at Noon) и ви пишувам. Ситуацијата е прилично надреална по повеќе основи, па ве молам не ми замерувајте за она што следува.
Сеќавањата се лизгава работа, деталите се магливи, непостојани. Колку повеќе се напрегате, толку помалку гледате. Тоа е сеќавање на сеќавањето, кое се расипува и се деформира до бескрај. Неодамна се фатив себеси како тврдам дека чувството е посилно, но тоа е незгодна работа. Бидејќи при потсетувањето на одреден момент во времето и какви чувства ви предизвикал, тој е обременет и врамен со ново чувство − чувството за тоа што ви значи тој даден момент сега и денес. На турски, јазик богат со речник кој не се преведува лесно, „hasret“ (хасрет) значи некаква комбинација на копнеж, на љубов и на загуба. Овој збор ми се чини особено соодветен во контекст на овој филм.
Афтерсан е филм за млад 30-годишен татко и неговата 11-годишна ќерка кои се на одмор во Турција кон крајот на 90-тите години на минатиот век. Приказната е раскажана суптилно, преку гледната точка на ќерката Софи како возрасна, 20-тина години подоцна. Сеќавање на една интимност од перспектива на временска дистанца. Хасрет. Искрено, не би должела повеќе за тоа. Филмот најдобро се доживува без контекст, без да го погледнете нашиот прекрасен трејлер, со трпение и со отворен ум. Се работи за чувства кои најдобро можев да ги изразам преку јазикот на филмот, а не со зборови или со какви било други средства. Во овој филм има простор и за вас. Се надевам дека ќе го освоите, ќе го пополните за да можете да го почувствувате.
Она што ќе кажам е дека Афтерсан не е само мој. Направен е со здружени напори и таленти на многу луѓе меѓу кои се и некои од моите најблиски креативни соработници и пријатели. Тие ги воздигнаа зборовите од страниците на сценариото и гордоста и благодарноста што ги чувствувам за нивната работа е огромна. Соработката е она што го прави создавањето филм толку драгоцено, и преку соработката, процесот на правење на овој филм ми даде најјасно чувство на исполнетост и радост. Да го снимам филмот беше привилегија што никогаш не ја земав здраво за готово исто како и можноста да го споделам со вас.
Пред да се одјавам, нешто за неизбежното прашање: до кој степен Афтерсан е личен филм? Се разбира, повеќето филмови се лични, но овој е повеќе и од оние повеќето. Суштината на она што сакам да го кажам е содржана во оние 145 440 фрејмови во филмот. Тој е недвосмислено фикција, но во него има вистина која е моја и љубов која е моја. Фотографии, видеа и записи од различен вид се отелотворени во филмот. Фотографиите од мојот татко и од мене се појдовната точка за овој проект. Секој од нас е на посебна снимка бидејќи заедничките фотографии беа дефицитарни во таа „претселфи“ ера. Јас имам 10 или 11 години, на возраст како Софи во филмот. Татко ми има 31 или 32 години, малку помлад од мене сега. Случајно сме во Турција.
Со почит,
Шарлот (Charlotte Wells)
П. C.
Т. С. Елиот (T.S. Eliot)
„At the still point of the turning world. Neither flesh nor fleshless;
Neither from nor towards; at the still point, there the dance is,
But neither arrest nor movement. And do not call it fixity,
Where past and future are gathered. Neither movement from nor towards,
Neither ascent nor decline. Except for the point, the still point,
There would be no dance, and there is only the dance .“