Економија

Јовановиќ: Кој се плаши од замрзнувањето на цените?

Бранимир Јовановиќ | Виенски институт за меѓународни економски студии

Економија и бизнис | печатено издание | април 2023г.

Изабела Вебер предизвика бура меѓу економистите на крајот на 2021 година. Младата професорка по економија од Универзитет на Масачусетс во Амхерст објави колумна во британскиот весник Гардијан во која се осврна на примената на ценовните контроли како инструмент за справување со инфлацијата.
Реакциите беа бројни, и негативни и позитивни. Пол Кругман ја нарече идејата „глупава“, иако по некое време го избриша твитот и се извини за него. Џејмс К. Галбрајт ја бранеше идејата тврдејќи дека ценовните контроли во Америка биле успешни. Дури и Њујорк тајмс објави обемна сторија на темата.

Ценовните контроли биле нормална работа низ историјата
Историски гледано, ценовните контроли ги следеле луѓето од самите зачетоци на цивилизацијата. Веројатно најпознатиот пример од историјата е Законикот на Хамураби, од пред околу 4 000 години од Месопотамија, кој детално пропишува колку треба да изнесуваат цените на различни стоки и услуги. И античките Египет и Индија применувале контроли на цените. Во Стариот Рим познат е едиктот на Диоклецијан.
Во поново време, ценовните контроли биле применувани речиси секогаш при големи општествени превирања и кризи како за време на Француската револуција, на Првата светска војна и на Втората светска војна.
Најпознатиот пример на ценовни контроли од 20 век доаѓа од САД. САД имаат државна агенција за ценовни контроли од 1941 до 1981 година, во периодот кој економистите го нарекуваат „златното доба на капитализмот“! Агенцијата ја воспоставува Рузвелт, кратко пред САД да влезат во Втората светска војна, и таа фунционира сѐ до 1981 година со одредени прекини и измени. Ја укинува Реган веднаш по доаѓањето на власт во 1981 година, во зачетокот на неолибералниот бран.

Ценовните контроли можат да ја зауздаат инфлацијата
Кога почнаа да се појавуваат првите сигнали за моменталниот инфлаторен бран, уште на крајот на 2021 година, Македонија воведе ценовни контроли. Во декември 2021 година, Владата ги ограничи цените на: лебот, шеќерот, брашното, сончогледовото масло, млекото, свежото месо, месните производи и сирењето, при што цените не смееја да го надминуваат нивото од 1 декември. Три недели подоцна листата беше проширена за уште три производи − ориз, јајца и тестенини. Ограничувањето на цените важеше до крајот на февруари по што беше заменето со ограничување на профитните маржи на компаниите за трговија на големо и мало.
Додека беше на сила ова замрзнување на цените на основните прехранбени производи, инфлацијата во Македонија беше под контрола и беше најниска во регионот. Како што може да се види на графиконот подолу, месечната стапка на инфлација кај прехранбените производи во Македонија, во овие три месеци додека цените на храната беа ограничени, изнесуваше 0,9 %, што е убедливо најниско во целиот регион на Западен Балкан.
Месечниот извештај на нашиот институт од февруари оваа година содржи и економетриска анализа на ефектите од ова замрзнување, како и на замрзнувањето на цените во Србија и Албанија. Економетријата потврдува дека замрзнувањето на цените ја намалува инфлацијата.

Ограничувањето на цените е добро и за бизнисите
Главниот аргумент со кој се поткрепуваат ценовните контроли секогаш е дека на тој начин се штитат загрозените категории и се спречува да ескалира сиромаштијата. Но, ценовните контроли се всушност добри и за бизнисите.
Бизнисите не ја сакаат инфлацијата. Таа креира неизвесност, и во поглед на идното движење на цените и во поглед на идниот економски раст. Таа, фигуративно кажано, им ја замаглува шофершајбната на фирмите поради што тие не можат убаво да видат каков е патот напред, па затоа не можат и да носат добри бизнис-одлуки – за тоа дали да инвестираат или не, дали да вработуваат нови луѓе и слично.
Инфлацијата е штетна за бизнисите и затоа што ја намалува куповната моќ на парите. Поради тоа што луѓето имаат помалку пари, во реална вредност, помалку и купуваат, што потоа го намалува прометот на фирмите, а со тоа и профитот.
Потврда за ова е и тоа што во последниве неколку месеци, и во Македонија и секаде во Европа, индикаторите на бизнис-доверба се на ниво како од почетокот на пандемијата токму поради неизвесноста која ја креира инфлацијата.
Да, има фирми кои профитираат од оваа инфлација, кои ја искористуваат ситуацијата и ги креваат своите цени повеќе отколку што е потребно и со тоа си ги зголемуваат профитите. Но, тие фирми се малку на број и никако не се репрезент на целата економија. Повеќето фирми губат од оваа инфлација и затоа е и во нивен интерес таа да се стави под контрола, па макар и преку ограничување на цените.

Нема пазарна економија без државна регулација
Честопати ќе слушнеме дека во една пазарна економија нема место за мерки од типот на ограничување на цените затоа што со тоа се нарушува функционирањето на пазарот.
Напротив, секоја пазарна економија, за да биде функционална, мора да има одредена државна регулација и интервенција! Нобеловецот Џозеф Стиглиц, без дилема еден од најголемите економисти на сите времиња, има еден добар пример. Како што сообраќајот не може да функционира без сообраќајни знаци, семафори, па понекогаш и сообраќајни полицајци, така ни економијата не може да функционира без државна регулација. Како што се прави хаос во сообраќајот без сообраќајни правила, така настанува хаос и во економијата без соодветна државна регулација.
Прашањето за ценовните контроли тогаш е многу едноставно. Дали сакаме ред во економијата или сакаме хаос? Дали сакаме состојба во која нема да има неизвесности или сакаме магла во која ќе просперираат само ловците во матно?

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано