Бизнис

Наумов: Верувам дека идната 2023 година ќе биде одамна посакуваната економски стабилна и профитабилна година

Здружение на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите

Економија и бизнис | печатено издание | септември 2022г.

Никола Наумов, генерален менаџер на Градба Промет Кавадарци


Како ја оценувате тековната состојба во вашиот сектор, каде е во тие рамки вашата компанија и што носи иднината?

Состојбата во секторот градежништво во моментов е тешка, со многу мали чекори се движи кон една се надевам подолгорочна стабилизација. По еден долг турбулентен период од речиси една година, а особено од јануари, па сè до мај/јуни оваа година кога цените на сите суровини беа во постојан раст што резултираше со намалена побарувачка, некако полека во оваа втора половина од годината влегуваме во некои помирни води и поповолна бизнис-клима за договарање и преговарање на идни проекти и соработки. Но, сепак, мораме да го сочекаме последниот квартал и зимата која е најавена како една од најтешките економски зими кои следуваат имајќи ја предвид и нестабилната цена на струјата која е во постојан раст, а е основниот „репроматеријал“ за сè. Се надевам дека државата (Владата) со економските мерки кои ги проектира за стопанството ќе го најде правиот модул за да го сопре ценовниот шок кој може да се случи од порастот на цената на струјата и со тоа ќе придонесе економијата, во случајов градежништвото како носечка гранка од која зависат многу други економски гранки, да се врати на правилниот и стабилен ракурс.
Како што напоменав и претходно, намалената побрувачка и особено за нас како компанија беа и сè уште се најтешки склучените договори на големи проекти кои е навистина тешко да се издржат имајќи предвид дека се тоа договори склучени по стари и релативно стабилни цени. Но, секако, во соработка со клиентите наоѓаме начин како да го изменаџираме целиот процес за на крајот сите да бидеме на некоја позитивна нула. Во однос на новозапочнатите работи и проекти веќе е полесно за нас кога на клиентите им даваме понуди кои се сходни на моменталната понуда на пазарот.
Јас сум по природа оптимист, верувам дека идната 2023 година ќе биде одамна посакуваната економски стабилна и профитабилна година. Надеж ми даваат и последните податоци за мај 2022 г. на Државниот завод за статистика во кои градежништвото е во благ пораст во однос на истиот период од 2021 г. за 7,7 % на издадени одобренија за градба. Секако, иднината на сите сектори зависи од сите нас заедно на чело со Владата, колку се подобри условите за нас како стопанственици ние дотолку повеќе ќе бидеме продуктивни. Време е да почнеме во Северна Македонија да зборувме за стабилна и одржлива економија која ќе биде дом на многу млади луѓе. Кога ќе успееме тоа да го постигнеме, да не дозволиме одлив на кадар по европските земји (како што е особено тренд во градежништвото во последниве години), тогаш сме направиле многу и за себе и за иднината на нашите деца.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано