Бизнис

Цеков: Градежништвото е жилаво и ќе изнајде сила како и многу пати досега да опстои и да го унапреди работењето

Здружение на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите

Економија и бизнис | печатено издание | септември 2022г.

Даниел Цеков, заменик претседател на УО и заменик генерален директор на Адинг АД Скопје


 

Како ја оценувате тековната состојба во вашиот сектор, каде е во тие рамки вашата компанија и што носи иднината?

Конкретно во нашиов случај, пандемијата драстично нè ограничи во патувањата, но од друга страна нè научи дека можеме во голема мера да се потпреме на современите алатки на комуникација. Секако, на крајот на денот, градежната индустрија бара активност на терен и директна соработка со партнерите, а ова особено важи за нас кои пласираме специфично дизајнирани решенија и тешко може да се надополни на кој било друг начин. Пандемијата, а сега и војната во Украина, создадоа огромни нарушувања во синџирите на набавки, па неизвесноста со роковите на испораки на репроматеријалите и секојдневните промени во нивните цени одземаат многу повеќе ресурси од претходно, бараат постојана будност и внимателно планирање.
И покрај ова, Адинг последниве години ги заврши релативно успешно благодарение на неколку поголеми инфраструктурни проекти во регионот каде што подолго време работевме и го подготвувавме пласманот, а неговата реализација се финализира во овој период. Нашите групи на производи „Адитиви за бетони“ и „Заштитни премази за бетон“ сега се составен дел од неколку големи објекти и помогнаа во нивната реализација, а притоа беа специфично скроени и имплементирани по теркот и потребите на изведувачите.
Добрите резултати ни овозможија да продолжиме со инвестиции во фабриката, ги модернизираме производните капацитети кои, пак, треба да го рационализираат производството, а инвестиравме и во фотонапонска централа инсталирана на дел од покривните површини, која засега успешно ги покрива потребите за електрична енергија во целост.
Истовремено нашите развојни тимови работат на нови решенија кои веќе се имплементираат во цементната индустрија, која пак е под постојан притисок за намалување на потрошената енергија и намалување на емисијата на CO2. Оваа зелена мисија на нашата компанија во иднина ќе помогне во дел од рационализацијата на производството на оваа индустрија и со тоа директно позитивно ќе влијае на цените на цементот, односно производната цена на бетоните. Овој релативно нов предизвик за Адинг, кој се прилагодува за секој производител на цемент посебно, е во област за која се подготвувавме подолго време и во моментов бележиме огромен интерес од пазарот. Креирани се и веќе се во употреба низа производи наменети за намалување на трошоците (времето на производство и енергијата) при производството на цемент, а задржување или подобрување на неговиот квалитет. Како и со секоја група на производи, Адинг и овие адитиви ги адаптира за секој клиент посебно според материјалот и условите на производство со кои тој располага.
Ние како компанија сме оптимисти и сме убедени дека градежништвото е жилаво и ќе изнајде сила како и многу пати досега да опстои и да го унапреди работењето, барем така ни покажува нашата историја.


 Основни податоци за компанијата Адинг:

– Вкупните приходи во последната деловна година (2021 г.) изнесуваат 7 422 370 евра;
– Добивката по оданочување за 2021 година е 357 686 евра или 4,82 % во однос на вкупните приходи;
– Покрај домашниот пазар, продажбата е реализирана и во странство, и тоа во: Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Уганда, Бугарија, Косово, Албанија и Казахстан;
– Во АДИНГ се вработени 93 лица.


 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано