МОЈАТА ОПШТИНА
Спасовски: Поголема децентрализација и давање на поголеми ингеренции на општините е императив за успешна локална самоуправа
Борче Спасовски
Градоначалник на Општина Ранковце
Погледнато во еден подолг временски период, кој ја надминува рамката на еден градоначалнички мандат, кои се областите во кои Општина Ранковце остварува континуиран напредок во своето работење?
Б. Спасовски: Мојот градоначалнички мандат почна пред еден месец и во овој четиригодишен мандат ќе се залагам Општина Ранковце да биде сервис на граѓаните, а обезбедувањето на квалитетна инфраструктура ќе биде мојот основен приоритет како основен предуслов за развој на општината. Затоа продолжив со менаџирање на веќе започнатите проекти, во тек е изградба на дел од канализација во с. Љубинци, во должина од 710,95 метри, вредноста на проектот е 3 911 700 денари, изведувач е Друштвото за производство, трговија и услуги ПОРТЛАНД – ОПЦ ДООЕЛ Струмица, во тек е и изградба на дел од локален пат с. Радибуш − маала Којкарци, во должина од 500 метри, вредноста на проектот е 2.539.699,20 денари, изведувач е Друштвото за производство, трговија и сообраќај ФИШЕР-ТИХИ ДОО увоз-извоз с. Карпош−Куманово и изградба на дел од локален пат с. Герман, во должина од 886,74 метри, вредноста на проектот е 6 064 315 денари, изведувач е Друштвото за производство, трговија и услуги ЕНЕРГОИНВЕСТ ТРЕЈД Глигор и др. ДОО извоз-увоз Скопје. Деновиве треба да започне првата фаза од изградбата на водоснабдителниот систем за населеното место Псача, инвестиција во вкупна вредност од 30 123 838 денари, средства обезбедени со Договор за грант согласно Договорот за финансирање Серапис (Serapis) број 2008-0446 меѓу Република Македонија и Европската инвестициска банка за проекто „Водоснабдување и одведување на отпадни води“ склучен меѓу Општина Ранковце и Министерството за транспорт и врски, изведувач на работите е Друштвото за градежни работи, производство, трговија и услуги МИНТ-ИНЖЕНЕРИНГ ДООЕЛ с. Батинци Студеничане−Скопје, а преку Министерството за транспорт и врски на Република Северна Македонија се обезбедени и средства во износ од 1 991 274 денари за реализација на проектот Изградба на улици во село Ранковце – крак 1, кој ќе биде реализиран по спроведување на постапка за јавна набавка и склучување на договор за јавна набавка на работи. Треба да започне и реализацијата на проектот „Реадаптација на два објекти во клубови за пензионери во Општина Ранковце“ финансирани од ТАВ Македонија и реализација на проектот „Социјална инклузија на децата Роми од предучилишна возраст во заедницата“ – поставување на урбана опрема и реквизити на детско игралиште.
Општина Ранковце во своето работење остварува континуиран напредок во областа на локалниот економски развој, на урбанистичкото планирање и на капиталните инвестиции.
Од друга страна, кои се проблемите, без оглед на нивната природа, со кои со години се соочува Општина Ранковце? Кои се главните ограничувања за побрз локален економски развој и за давање подобри услуги на жителите на општината?
Б. Спасовски: Општина Ранковце со години се соочува со финансиски проблеми, што го потврдува и блокадата на општинската сметка во периодот од 2.6.2016 до 3.12.2019 година и постојаниот финансиски дефицит. Поради ограничениот буџет и со максимална штедливост општината не е во можност од сопствени средства да инвестира во капитални проекти. Проблем е и одливот на работна сила, многу млади и образовани кадри ја напуштаат општината барајќи подобра егзистенција, животниот стандард во општината е на ниско ниво и мора да се подобри за да се спречи одливот на населението.
Што би можело да помогне? Дали е потребна промена, на пример, на регулативата што го регулира работењето на општините?
Б. Спасовски: Сметам дека треба да има измена на регулативата и на општините да им бидат обезбедени доволно финансиски средства за да можат успешно да ги извршуваат своите надлежности, како и измена пред сè на регулативата за урбанистичко планирање и градење и преку поедноставување на постапките да се овозможи локален економски развој на општините.
Дали би помогнала поголема децентрализација и давање поголеми ингеренции на општините?
Б. Спасовски: Поголема децентрализација и давање на поголеми ингеренции на општините е императив за успешна локална самоуправа, но битен елемент е и рамномерниот регионален развој на кој треба државата сериозно да поработи. Со поголема надлежност одлуките и решенија ќе бидат побрзи и поедноставни, а тоа е еден од предусловите за побрз локален економски развој и позадоволни граѓани. Со ставање акцент на што поголема фискална децентрализација преку која ќе се зголеми процентот на средства кои ќе останат во буџетот на општината ќе се овозможи општината да им излезе во пресрет на реалните потреби и барања на граѓаните.
Дали има нешто што самата Општина Ранковце може да го промени во своето функционирање во поглед на своите приходи, на расходи и воопшто на своето работење во иднина?
Б. Спасовски: Она што ќе го промениме во функционирањето на Општина Ранковце во поглед на приходите и на расходите е сведување на непродуктивните расходи на минимум и зголемување на приходите пред сè од локални даноци и такси за со домаќинско работење да го забрзаме локалниот економски развој на општината. Општината ги извршува законските обврски и приоритет е сите приходи да бидат навреме собрани за да направиме буџет по мерка на жителите на Општина Ранковце. Ќе се заложам за унапредување на фискалната транспарентност и инклузивност на процесот на буџетирање и креирање на општинските годишни програми и стратегии.
Каква е комуникацијата на Општина Ранковце со другите чинители како што се граѓаните, бизнис-заедницата, меѓународната заедница, академската заедница, невладиниот сектор итн.?
Б. Спасовски: Треба да се подобри комуникацијата на Општина Ранковце со: граѓаните, бизнис-заедницата, меѓународната заедница, академската заедница, невладиниот сектор и да се зголеми транспарентноста и отвореноста на општината. Планирам да воведам редовни средби со месните заедници во општините и на овие средби да се утврдат приоритетите на локалното население, утврдување на комуналните и урбаните проблеми со кои се соочуваат и решавање на проблемите, а со бизнис-секторот имам редовна комуникација. Ќе се залагам за воспоставување на механизми и на алатки за унапредена инклузивност и вклученост на граѓаните во работата на општината, како и поголемо информирање на граѓаните преку активна транспарентност и објавување на сите информации на веб-страницата и на социјалните медиуми.
Како да се обезбеди долгорочна одржливост на финансиите и општо да се обезбеди долгорочно здрава основа за работење на Општина Ранковце?
Б. Спасовски: Со рационално искористување на ресурсите со кои располагаме и вложување на сите ресурси во создавање на Општина Ранковце во подобро и поквалитето место на живеење може да се обезбеди долгорочна одржливост на финансиите и здрава основа за работењето на Општина Ранковце. Домаќинскиот однос, рационалноста во трошењето, наменското користење на народните пари треба да биде основен принцип за да може една општина долгорочно да се развива.
Мојата визија за иднината на Општина Ранковце е да се подобрат условите за живот на граѓаните, да се подобри квалитетот на живот на младите, да се искористат сите ресурси и капацитети, да се истакнат приоритетите и да се создаде соодветна инфраструктура во насока на креирање на среќни, задоволни, безбедни и здрави граѓани, унапредување на локалната заедница и подигање на квалитетот на живот за да ја направиме Општина Ранковце привлечно место за живеење, со високи стандарди за живот и работа, од кое ќе престане иселувањето и ќе се создадат можности за враќање во родното огниште.
(Економија и бизнис, печатено издание, декември 2021г/јануари 2022г.)
(дел од проектот „МОЈАТА ОПШТИНА - ФИНАНСИИ, РАЗВОЈ, ДОЛГОРОЧНА ОДРЖЛИВОСТ“)
(Проектот се реализира преку Форумот за разумни политики и е финансиски поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка)