Бизнис

Зошто нашава држава треба да се подготви за развој и примена на вештачка интелигенција?

Виолета Цветкоска

Авторот е професор на, Економски факултет – Скопје и раководител на EUi

Вештачката интелигенција не датира од овој век , но што ја овозможува нејзината примена и зошто денес станува сè позначајна и за јавниот и за приватниот сектор на една држава?
За да можат да се изградат и да се тренираат алатките на вештачка интелигенција потребни се многу податоци. Секој од нас со пристапот на интернет преку својот десктоп компјутер, лаптоп, таблет, мобилен телефон, во текот на денот остава дигитална трага и учествува во креирањето на дигиталните податоци. Организациите денес се опколени со длабок океан од податоци, големи податоци и само ако знаат како да го отклучат скриениот потенцијал во нив, тие ќе можат да остварат конкурентска предност.

Податоците се моторот на вештачката интелигенција, а вештините на кадарот за вештачка интелигенција се клучно стратешко средство на организациите во оваа дигитална ера која многу побрзо од очекуваното ја отвора вратата на ерата на автоматизацијата. Причината за побрзото движење кон ерата на автоматизација лежи во пандемијата предизвикана од вирусот ковид-19 при што вештачката интелигенција овозможува да се откријат нови лекови, третмани, приоритет на пациенти зависно од состојбата, примена на роботиката во производството и во модерните складишта, утврдување на предиктори на приходите, профитот, предвидување дали извршената трансакција е легитимна или претставува измама, правилно одлучување по барање за кредит итн. Вештачката интелигенција има енормно влијание врз економијата на една држава и нејзината примена ќе придонесе и за побрзо закрепнување од кризата.

Но, колку е подготвена владата на една држава за имплементирање на вештачката интелигенција за испорака на јавните услуги е прашање кое е истражувано од страна на Oxford Insights кои креираат индекс, па во продолжение ќе бидат образложени добиените сознанија за 2020 година. Индексот има три столба: влада (колку владата е подготвена за имплементација на вештачка интелигенција за испорака на јавните услуги на своите граѓани), технолошки сектор (технолошкиот сектор треба да генерира алатки за вештачка интелигенција кои ќе ги користи владата) и податоци и инфраструктура (алатките за вештачка интелигенција се градат и се тренираат на податоци кои треба да се квалитетни и репрезентативни и потребна е напредна инфраструктура која ќе се трансферира до граѓаните и тие ќе можат да ја користат). Индексот има десет димензии, и тоа: визија, управување и етика, дигитален капацитет и приспособливост (столб: влада); големина, капацитет за иновации и човечки капитал (столб: технолошки сектор) и репрезентативност на податоци, достапност на податоци и инфраструктура (столб: податоци и инфраструктура). Пресметан е за 172 држави кои имаат повеќе од половина од податоците за димензиите. Светот е поделен на 9 региони при што Европа е поделена на Источна и Западна со по 20 држави по регион.

Просечниот индекс во светот е 44,25, а 69 држави (40,12 %) се под просекот. На светско ниво, највисок просечен резултат има столбот податоци и инфраструктура (58,64) по кој следува влада (41,34), па технолошкиот сектор (32,76). За тоа каде се наоѓа нашава држава ќе се фокусирам детално, но најпрво да согледаме што се случува во светот. Најдобро рангиран регион е Северна Америка при што прворангирани во светот се САД со индекс 85,48, а најниско рангиран е Јемен со индекс 19,07. По САД следуваат четири држави од Западна Европа, и тоа: Обединетото Кралство (81,12), Финска 79,24, Германија (78,97) и Шведска (78,77).

Каква е состојбата во Северна Америка?
Во Северна Америка анализирани се САД и Канада која има индекс 73,16 и е рангирана на 14 место во светот. САД во трите столба ја надминува Канада, а во светот е прв за столбот технолошки сектор. Во САД синоним за технолошкиот сектор е Силиконската долина. Во однос на големината на технолошкиот сектор, САД се први во светот со 198 технолошки еднорози (компании со вредност над една милијарда американски долари), а Канада има само две вакви компании. Во САД иницијативата за вештачка интелигенција започнува во 2016 година, а Канада е меѓу првите држави во светот со национална стратегија за вештачка интелигенција од 2017 година. Во фокусот на САД се иновации во приватниот сектор, додека пак во Канада фокусот е на образованието и на човечкиот капитал. Во столбот податоци и инфраструктура, Канада е позната како лидер во светот за отворени податоци, а САД се треторангирани во светот според број на градови со напредна технолошка инфраструктура (5G-мрежа). Клучните адути за регионот Северна Америка да е рангиран како прв во светот не се инстантни, ова е регион кој се карактеризира со повисоко ниво на приходи и кој вложува во образование за стекнување на вештини за вештачка интелигенција, во истражување и развој и во иновации во технологијата.

Каква е состојбата во Западна Европа наспроти Источна Европа?
Стратегијата за вештачка интелигенција за Европа е објавена од страна на Европската комисија на 25 април 2018 година , а во насока да се креира европски систем на извонредност и доверба Европската комисија на 19 февруари 2020 година го објави Белиот труд во кој се нагласува политичката и регулаторната рамка за безбеден развој на вештачка интелигенција во Европа. Земјите членки на Европската Унија формираат силно јадро на национални стратегии за вештачка интелигенција (или имаат стратегија или се во фаза на изработка) и имаат пристап до фондови на Унијата. Дваесетте држави во Западна Европа се над светскиот просек на индексот со тоа што последно рангирана е Грција со индекс 47,93. Обединетото Кралство и на регионално и на светско ниво е прво во столбот податоци и инфраструктура, второ во регионот за столбот технолошки сектор и трето во регионот за столбот влада (покрај националната стратегија има и Канцеларија за вештачка интелигенција за да се осигури нејзина натамошна имплементација). Германија има најдобар резултат во столбот технолошки сектор (прва е во регионот, а второрангирана на светско ниво). Оваа држава има 9 технолошки еднорози и е родно место на компанијата САП (SAP) која е најпозната по софтверот за планирање на ресурси на претпријатие (ERP).

Лидерот во Источна Европа е Естонија со индекс 69,92 и во регионот е прворангирана за влада и податоци и инфраструктура, а второрангирана за технолошки сектор. По Естонија следуваат: Литванија, Полска, Чешка и Русија. Србија e рангирана на десеттото место со индекс 55,43. Србија ја усвои Стратегијата за развој на вештачка интелигенција за периодот 2020 − 2025 и оваа година во план ѝ е отворање на Институт за вештачка интелигенција. Под светскиот просек се 5 држави, и тоа Црна Гора (43,66), Северна Македонија (43,00), Молдавија (41,74), Албанија (39,99) и Босна и Херцеговина (36,25). Државите во Источна Европа покажуваат ниски резултати за столбовите влада и технолошки сектор, но повисоки за столбот податоци и инфраструктура.


За државите од Западен Балкан заедничко е што немаат визија за вештачка интелигенција (со исклучок на Србија). Србија е лидер во столбовите влада (посебно во димензијата визија) и податоци и инфраструктура (со акцент на репрезентативност и достапност на податоци), а Црна Гора во технолошкиот сектор (посебно во големината и човечкиот капитал), (слика 1, табела 1).
Нашава држава е седумнаесетта во регионот Источна Европа, а седумдесет и трета во светот. Со споредба на резултатите за трите столба на С Македонија со Западен Балкан, Источна Европа и светот може да се согледа дека остваруваме најдобри резултати во податоци и инфраструктура (63,59), (над просекот од резултатот на Западен Балкан и светот), (слика 2). Во Западен Балкан во овој столб сме второрангирани (слика 1) и највисок резултат бележиме во репрезентативност на податоците (76,04), но неопходно е да ја подобриме достапноста на податоците, како и да се фокусираме на понапредна технолошка инфраструктура. Во технолошкиот сектор бележиме незначително повисок резултат во однос на просечниот на Западен Балкан (слика 2) и сме треторангирани, а најнизок резултат имаме во големината на секторот (18,21), (табела 1). Во столбот влада сме под просекот на Западен Балкан, Источна Европа и светот. Четврторангирани сме во Западен Балкан (слика 1) и сме лидер во димензијата управување и етика (53,33). Нашата слаба страна во овој столб е што немаме стратегија за вештачка интелигенција која нашата држава мора да ја постави како еден од најважните приоритети во претстојниот период. Резултатите за поодделните димензии на столбовите можат да ни помогнат во поставување цели за подобрување на димензиите каде што остваруваме послаби резултати.
Едно е сигурно, ерата на вештачка интелигенција доаѓа наскоро и мора да се подготвиме како држава за нејзин развој и имплементација за да ги искористиме нејзините придобивки и да придонесеме за напредок на економијата.

(Економија и бизнис, печатено издание, мај 2021г.)

ПРЕПОРАЧАНО