Половина век посветеност кон македонската филмска историја и култура,  свеченост во Кинотеката  

Кинотеката на Северна Македонија синоќа свечено го одбележа 50-годишниот јубилеј од основањето како институција чувар на филмската меморија, чија мисија е посветено да го собира, заштитува и претставува македонското аудиовизуелно наследство. На настанот се обратија актуелниот директор на Кинотеката, Бошко Грујоски, и министерот за култура и туризам Зоран Љутков и беше врачена наградата „Златен објектив“ на годинашнот лауреат – кинематограферот Владимир Самоиловски. 

Директорот Грујоски истакна дека 50 години не се само значаен јубилеј туку половина век посветеност кон зачувувањето на еден важен сегмент на националниот идентитет.

-Тоа е половина век посветеност кон македонската филмска историја и култура. Тоа се години кои се несебично професионално вградени во заштитата на филмското наследство, во чувањето и реставрирањето на филмските дела, во постојаното споделување на филмските креативни приказни, впишани на аналогните и дигиталните медиуми. Тоа е период на континуирно прибирање, чување, каталогизирање, архивирање, истражување и публикување на културно вредни филмски и аудиовизуелни содржини – едноставно, тоа се години свесно вложени и посветени во зачувување и презентирање на подвижните слики, години вложени во филмот како неизбежен дел од националната културна меморија, истакна Грујоски додавајќи дека и во општествени и политички промени и на технолошки револуции и културни трансформации, Кинотеката останува посветена на својата мисија да го сочува минатото и да го направи достапно на денешницата и на иднината.

Грујоски искажа посебна благодарност до сите претходни директори на Кинотеката, од нејзиниот прв директор, Ацо Петровски, потоа Борис Ноневски, Весна Масловариќ, Мими Ѓоргоска-Илиевска и Владимир Ангелов, кои, као што рече, секој на свој начин дал значаен влог во заштитата на филмското наследство и за етаблирањето на Кинотеката на високо рамниште на домашната и на меѓународната мапа во дејноста на заштитата и промоцијата на аудиовизуелните добра.

Директорот нагласи и дека педизвиците на Кинотеката не се само да се зачува она што постоело и што постои, туку и да се насочува низ новите контексти, да се трасира вистинскиот правец во иднината.

-За такво нешто е потребна визија, инвестиции и постојана поддршка – не само од институциите и државата, туку и од културниот естаблишмент и општеството во целина. Затоа, оваа годишнина не треба да биде само роденденска прослава, туку и обновување и редефинирање на посветеноста, на мисијата, на целта. Таа е јасна потврда на посветеноста кон сочувувањето на нашето културно наследство и на професионалната мисија – филмското творештво да продолжи да живее низ сите свои форми, порача Грујоски. 

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, во говорот истакна дека педесет години е возраст на зрелост, но дека Кинотеката „не брои години туку создава вредност што трае, а нејзината  сила е во преносот: од генерација на генерација, од тишина во глас, од минато во иднина“.

-Педесет години се доказ за истрајна верба во суштината на културата како темел врз кој се гради општеството, како вредност што создава смисла, континуитет и иднина. Дека сликата што ја зачувуваме денес, утре ќе биде доказ дека сме постоеле, мислеле, чувствувале. Дека сме имале што да кажеме. Во овие простории не се чуваат само филмски ленти, овде се чуваат човечки судбини. Овде се зачувани погледите на генерации свртени кон иднината со сомнеж и надеж. Тука се гласовите што вечно ги раскажуваат приказните за нас самите. Денес им оддаваме почит на вработените, на кустосите, на техничарите, на архивистите , на сите што работат во тишината  на  полиците, меѓу лентите и дигиталните траги. Вие не чувате само материјал, вие чувате смисла, а вашата тишина зборува најгласно, истакна Љутков. 

Посочи и дека Министерство за култура и туризам ќе продолжи со поддшката на Кинотеката, како што рече, не само како институција, туку како движечка сила. 

-Да ја направиме достапна, современа, дигитално моќна, но истовремено верна на својата суштина, да биде дом на вистината запишана во слика. Нека Кинотеката продолжи да нè потсетува кои сме биле, за да знаеме какви би можеле да бидеме, рече Љутков.

На свеченото одбележување беше прикажан документарниот филм „Кинотека… Половина век…“ во режија на советник филмолог Атанас Чупоски, изработен во соработка со универзитетот „Еуропа Прима“, и му беше врачена наградата на Кинотеката, „Златен објектив“, на годинашниот добитник – кинематограферот  Владимир Самоиловски, за чиј богат творечки опус се осврна  вишиот филмолог Арсим Лесковица. 

„Златен објектив“  е востановена за да се истакне значењето на кинематографијата и да им се оддаде почит на авторите кои придонесуваат за нејзиниот развој. Првпат е доделена во 2006 година и досега има 25 добитници – режисери, продуценти, директори на фотографија, филмски критичари, монтажери, костимографи, аниматори, тон-мајстори.

Свеченоста заврши со доделување благодарници на долгогодишни соработници на Кинотеката за нивната поддршка, доверба и заеднички придонес.

По повод половина век постоење на Кинотеката овој месец АД Пошта промовираше поштенска марка за институцијата, изработена од авторот Лазе Трипков.

Кинотеката на Македонија е формирана како институција од посебен интерес за Републиката, со задача да прибира, обработува, чува, заштитува и презентира филмови и филмски материјали од особено уметничко, културно, научно, историско и друго општествено значење. Официјално почнува да работи во 1976 година, две години подоцна од усвојувањето на  Законот за формирање на Кинотека на Македонија (29 април 1974).

Кинотеката располага со фонд од над 15 000 филмски копии, повеќе од 72 000 парчиња пропаганден материјал, фотографии и плакати и повеќе од 100 000 пишувани документи. Во состав на Кинотеката е и специјализираната библиотека со над 4500 книги и списанија за историјата и теоријата на филмот, како и 32 500 прес-клипинзи. Кинотеката располага и со колекција на стари кинематографски апарати.

Архивските материјали, односно целокупната македонска филмска продукција (од 1905 година до денес), како и филмовите снимени од странски автори во Македонија во периодот до Втората светска војна, се чуваат во посебен оддел, во депоа со контролирана температура и влажност на воздухот. Другите филмски материјали се наоѓаат во кинотечните депоа.

Во Кинотеката на Македонија постојат два сектора – филмски архив или сектор за прибирање, заштита, чување и обработка на филмови и филмски материјали и придружна филмска документација и сектор за истражувачка, издавачка, јавна и меѓународна дејност, библиотечна дејност и филмска програма.

Кинотеката е членка на Меѓународната федерација на филмските архиви (FIAF), Европската асоцијација на кинотеките (ACE) и на асоцијацијата Europa Cinemas.


Извор МИА

Фото: Министерство за култура и туризам 

Повеќе од истиот автор

Најчитано