ОД УНИВЕРЗИТЕТОТ ВО ШТИП ЌЕ ФУНКЦИОНИРА ПРВИОТ ЦЕНТАР ЗА САЈБЕР БЕЗБЕДНОСТ НА ЗАПАДЕН БАЛКАН, директно справување со нападите и дезинформациите во дигиталниот простор

Македонија ќе го доби првиот Центар за сајбер безбедност на Западен Балкан, кој ќе функционира на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип. Центарот ќе овозможи директно справување со нападите и дезинформациите во дигиталниот простор, а покрај нашата држава, ќе се приклучат и Албанија и Црна Гора. По тој повод денеска на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип присуствуваа Никола Варнс заменик-шеф на Мисијата во Амбасадата на САД, министерите за образование и наука и информатичко општество, Весна Јаневска и Стефан Андоновски, како и ректорот на УГД-Штип, Дејан Мираковски. 

Никол Варнс, заменик-шеф на Мисијата во Амбасадата на САД во Скопје истакна дека Центарот за сајбер безбедност е инвестиција во дигиталната иднина на Северна Македонија, како и за студентите и професионалците кои ќе помогнат да се заштити таа иднина.

-Со оваа иницијатива го зајакнуваме образованието за сајбер безбедност на Универзитетот „Гоце Делчев“. Ја усогласуваме рамката за вештини во ова поле во Северна Македонија со меѓународните стандарди-рече Варнс. 

Министерката за образование и наука, Јаневска рече дека ова е Центар кој ги обединуваат сите институции. 

-Центарот ги обединува Владата, институциите на Владата и Академијата која треба да ги развие луѓето кои во иднина ќе работат во МВР и кои ќе бидат подготвени  да одговорат на својата функција. Значи, програми, практична настава, спремни да влезат во институциите за да ја направат таа одбрана-вели Јаневска.

Министерот за информатичко општество, Стефан Андоновски истакна дека нашата земја се позиционира како лидер во развојот на сајбер безбедноста на Западен Балкан. Во време на интензивна дигитализација, ваквите капацитети се клучни за заштита и безбедноста на општеството.

 -Имаме сајбер стратегија до 2028 година, за прв пат имаме Закон за безбедност на мрежи и информациски систем, го формираме владиниот центар за одговор на сајбер инциденти, со помош на САД и ЕУ, изјави министерот Андоновски.

Тој посочи дека долгорочната сајбер отпорност не може да се изгради само преку стратегии, закони и институции, туку преку луѓе, знаење, вежби, доверба и партнерства. Во таа насока, тој ја истакна важноста на академските институции и на меѓународната соработка, особено со Соединетите Американски Држави.

-Ако сакаме долгорочна сајбер безбедност, мора да инвестираме не само во технологии, туку и во кадар- рече Андоновски.

 Тој додаде дека со овој проект Универзитетот „Гоце Делчев“ станува регионален хаб за тренинг и сертификација на сајбер-професионалци, што претставува значаен придонес кон развојот на една од клучните професии за иднината.

Ректорот на УГД-Штип, Мираковски додаде дека во овој центар каде што ќе се обучуваат идните кадри во областа на сајбер безбедност,  во исто време ќе прерасне и во оперативен центар , како активен центар за поддршка на активностите во полето на сајбер безбедноста.

– Свесни сме дека со денешното ниво поврзаност на дигиталниот и реалниот живот. Новите генерации ќе имаат сериозни предизвици токму затоа преку спојувањето на теориското знаење и практичното знаење ќе можеме да направиме навистина систем кој што ќе биде сво служба на општеството и посебна чест што УГД повторно ја докажува тоа дека не е само отворен Универзитет, туку активен чинител во градењето во едно поздраво општество-рече Мираковски.

Во рамки на центарот ќе биде поставена современа техничка опрема, а ќе се реализираат и специјализирани академски програми преку кои студентите ќе стекнуваат практични и теоретски знаења за справување со сајбер нападите и дезинформациите. Во Центарот ќе обучуваат и информатички инжињери, но и од други области.

-Се надеваме дека за кратко време, зборувам за месеци одсега, бидејќи имаме летни одмори, веднаш потоа ќе почнеме со подготовка на програмите за акредитација. Тие програми треба да бидат меѓународно сертифицирани и веднаш потоа почнуваме со првата генерација која ќе биде обучувана- изјави проф.д-р Сашко Коцевски, проректор на УГД.

Инаку, воспоставување на Интегриран центар за безбедносни операции (SOC) на Западен Балкан – иницијатива финансирана од Министерството за надворешни работи на САД и имплементирана од CRDF Global. 


Извор/фото МИА

Повеќе од истиот автор

Најчитано