Од полноќ, Макпетрол ја намали малопродажната цена на течен нафтен гас односно плин за 5 денари по литар, од 59 на 54 денари. Истовремено, во трговијата на големо е евидентирано намалување од 10 денари по килограм, што во пресметка значи приближно 5 денари по литар. Ова денеска на прес конференција го соопшти портпаролката на Владата, Марија Митева.
Она што е особено значајно е дека и останатите компании на пазарот го следат овој тренд. Во малопродажба, цените на течен нафтен гас на бензинските станици веќе се намалени во распон од 5 до 6 денари по литар и се движат од 53 до 54 денари, беше изнесеното на прес-конференцијата.
„Сакам јасно да потенцирам дека ова намалување не е резултат на краткорочна пазарна случајност, туку е резултат на анализа од страна на ДПИ и преку договор и преземена одговорност од страна на трговците, за намалување на бруто маржите. Постигнавме согласност овие маржи да бидат намалени и да се задржат на тоа ниво и во наредниот период, да немаме осцилации коишто сега ќе ги имаме, оваа недела кон намалување, а следната би имале зголемување, што значи дека за повеќе од 10% во трговијата на големо и за 9 до 10% во малопродажба ќе имаме намалување“, вели Митева
“Оваа мерка дојде преку аргументирана анализа и институционално делување. Врз основа на детална анализа спроведена од Државен пазарен инспекторат, беа детектирани просторите за корекција во ценовната структура, по што следуваа разговори со трговците и постигнување на договор за намалување на бруто маржите. Дозволете ми овде да изразам благодарност за општествената одговорност којашто ја покажуваме. Ова е суштинската разлика во пристапот. Наместо декларативни политики, носиме мерки што даваат директен ефект врз цените. Наместо пасивно следење на пазарот, активно интервенираме таму каде што постои простор за корекција во интерес на граѓаните“, заклучи Митева.







