Германија, традиционално една од најатрактивните инвестициски дестинации во Европа, се соочува со пад на интересот на странските компании, според најновите наоди на консултантската фирма KPMG.
Според студија базирана на анкета на 400 германски подружници на меѓународни компании, индексот на привлечност на локацијата за инвестирање падна на најниско ниво од почетокот на анкетата во 2017 година.
Високите трошоци за енергија се издвојуваат како еден од главните фактори што ја поткопуваат конкурентноста на Германија. Дури 43 проценти од испитаниците ја оцениле оваа земја како најлоша во Европската Унија во однос на цените на енергијата.
Дополнителни предизвици се сложената бирократија и недоволно развиената дигитална инфраструктура. Повеќе од две третини од компаниите ја рангирале Германија меѓу петте најлоши земји од ЕУ во овој сегмент, додека една третина ја рангирале на последното место.
Слаби оценки се забележани и кога станува збор за достапноста на квалификувана работна сила, даночниот товар и дигитализацијата на јавната администрација.
Негативните трендови се одразуваат и во деловните резултати на компаниите. Повеќе од половина од анкетираните компании ги оценија моменталните деловни услови како лоши или многу лоши, што е значително зголемување во споредба со околу 20 проценти од претходното истражување од 2023 година.
Во таква средина, странските компании стануваат повнимателни кога станува збор за нови инвестиции. Уделот на компаниите што планираат да ги намалат инвестициите се зголеми повеќе од двојно и сега изнесува 23 проценти.
Германија сè уште задржува одредени клучни предности. Околу две третини од испитаниците ја рангираа меѓу петте најдобри земји од ЕУ кога станува збор за јавната безбедност и политичката стабилност.
Исто така, за повеќето компании, Германија останува голем и стратешки важен пазар, што го ублажува целокупното влошување на инвестициската слика, пренесува Бизнис.ба.
Фото Економија и бизнис






