Глобализацијата и понатаму се одржува на рекордно високо ниво, и покрај засилените геополитички тензии, зголемувањето на царините во САД и растечката неизвесност во поглед на идните трговски политики. Ова е еден од клучните заклучоци на DHL Global Connectedness Report 2026, заеднички објавен од DHL и Stern School of Business при Универзитетот во Њујорк.
Извештајот се темели на анализа на повеќе од 9 милиони податочни точки кои ги опфаќаат глобалните текови на трговија, капитал, информации и мобилност на луѓето, и претставува досега најсеопфатна и најдетална анализа на состојбата со глобалната поврзаност и глобализацијата на светско ниво.
Европа е најглобално поврзаниот регион во светот
Европа повторно ја потврдува својата позиција како најглобално поврзан регион во светот, пред Северна Америка, Блиски Исток и Северна Африка. Ова лидерство се темели на силните внатрешнорегионални врски и широкиот глобален досег на европските економии, дополнително поткрепени со одличните резултати на повеќе земји според индикаторите за длабочина и широчина на глобалната поврзаност. Клучните европски пазари колективно ја зајакнуваат оваа позиција: Холандија како важна глобална трговска порта, Обединетото Кралство преку диверзифицирани меѓународни врски и Германија како централен и длабоко интегриран економски столб. Франција се истакнува во greenfield и одржливите инвестиции, Италија успешно комбинира европска интеграција со глобално присуство, а Јужна и Источна Европа, заедно со Турција, ја нагласуваат улогата на Европа како стратешки мост меѓу Азија и Блискиот Исток.
Глобализацијата останува стабилна од 2022 година
„Фактот што глобализацијата ја одржува својата стабилност многу јасно зборува за нејзината вредност,“ изјави Џон Пирсон, извршен директор на DHL Express. „Од намалување на сиромаштијата до справување со климатските предизвици, најголемите глобални проблеми бараат глобално размислување и заедничка акција. Извештајот DHL Global Connectedness јасно покажува дека земјите и компаниите не се затвораат зад национални бариери што претставува охрабрувачки сигнал. DHL активно ги зајакнува глобалните врски со поврзување на пазарите,
Бумот на вештачката интелигенција и надминувањето на тарифните зголемувања ја поттикнаа трговијата во 2025 година
Глобалната трговија во 2025 година забележа најбрз раст од 2017 наваму, со исклучок на нестабилноста предизвикана од пандемијата на Ковид‑19. Увозниците во САД ги забрзаа испораките пред најавените зголемувања на царините, иако американскиот увоз подоцна опадна, зголемениот извоз од Кина кон пазарите надвор од САД придонесе за одржување на глобалните трговски обеми.
Трговијата со производи поврзани со вештачка интелигенција забележа особено силен пораст, поттикната од интензивните инвестиции на компаниите и државите во AI инфраструктура. Според податоците на Светската трговска организација (СТО), овие производи учествувале со 42% од растот на трговијата со стоки во текот на првите три квартали од 2025 година.
Извештајот ја мери глобалната поврзаност на скала од 0% (целосно отсуство на прекугранични текови) до 100% (свет без влијание на граници и растојанија). Во 2025 година, глобалното ниво на поврзаност изнесува 25%, задржувајќи го рекордното највисоко ниво постигнато во 2022 година.
„Европа има централна и стратешка улога во глобалната мрежа на поврзаност“, изјави Мајк Пара, извршен директор на DHL Express Европа. „Длабоката економска интеграција и широкиот глобален досег им овозможуваат на европските компании да останат конкурентни, флексибилни и отпорни, со директен пристап до можности за раст низ целиот свет. DHL е целосно посветен на поддршка на оваа поврзаност преку најсигурната и најфлексибилната меѓународна експресна мрежа во индустријата.“
Во исто време, сегашното ниво на глобализација укажува дека светот сè уште не е целосно интегриран, при што во многу области постои значителен потенцијал за понатамошно проширување на меѓународните текови, особено доколку се намалат политичките и регулаторните ограничувања.
Перспективи за трговијата: растот продолжува и покрај повисоките царини
Неодамнешните зголемувања на царините во САД се очекува умерено да го забават, но не и да го поништат растот на глобалната трговија во 2026 година. Се проектира дека трговијата со стоки ќе се зголемува по годишна стапка од 2,6% до 2029 година, што е во согласност со трендовите од изминатата деценија. Една од причините е што најголемиот дел од глобалната трговија не ја вклучува САД: во 2025 година, само 13% од увозот бил насочен кон САД, а 9% од извозот потекнувал од САД. Дополнително, многу земји активно склучуваат нови трговски договори со цел да обезбедат алтернативни пазари.
Тензиите меѓу САД и Кина влијаат само на мал дел од глобалните текови
Иако односите меѓу САД и Кина продолжуваат да слабеат, овие врски претставуваат само мал дел од вкупните глобални трговски текови. Трговијата меѓу САД и Кина учествувала со 3,6% од светската трговија на својот врв во 2015 година, по што се намалила на 2,7% во 2024 година и на 2,0% во првите три квартали од 2025 година. Нивниот удел во глобалните деловни инвестиции е уште помал — под 1% во 2025 година.
Нема глобална поделба на ривалски блокови
И покрај тврдењата за геополитичка поделба, извештајот не наоѓа докази за создавање спротивставени глобални блокови. Во последните десет години, само 4–6% од трговските и инвестициските текови се пренасочиле од геополитички ривали. Повеќето од нив се насочиле кон земји со пофлексибилни позиции, како Индија и Виетнам.
„Иако дебатите за глобализацијата се сè понестабилни, самите глобални економски текови покажуваат значителна отпорност,“ изјави проф. Стивен А. Алтман, директор на Иницијативата на DHL за глобализација при NYU Stern. Ризиците за глобализацијата се реални, но исто така реална е и отпорноста на глобалните текови.“
Тргуваните стоки и greenfield странските директни инвестиции достигнуваат рекордни растојанија
Наместо очекуваната регионализација, меѓународната трговија во 2025 година се одвивала на поголеми растојанија од кога било досега. Просечното растојание на тргуваните стоки изнесувало 5.010 километри, што е рекордно ниво. И greenfield проектите на странски директни инвестиции достигнале рекорд, со просечно растојание од 6.250 километри. Овие трендови покажуваат дека предвидувањата за забрзана регионализација не се реализирале.
Извештајот DHL Global Connectedness
Од 2011 година, Извештајот DHL Global Connectedness обезбедува релевантни и доверливи увиди за состојбата на глобализацијата преку анализа на 14 видови меѓународни текови на трговија, капитал, информации и луѓе. Изданието за 2026 година ги опфаќа 180 земји, кои претставуваат 99,6% од светскиот БДП и 99% од глобалната популација. Извештајот е нарачaн од DHL, а автори се проф. Стивен А. Алтман и Каролин Р. Бастијан од NYU Stern School of Business.






