ВО ХРВАТСКА ПРОСЕЧНАТА ПЛАТА НАДМИНА 1.500 ЕВРА, највисоката плата од 4.281 евро е во фармацевтскиот сектор

Просечната месечна нето плата во Хрватска исплатена кај правните лица за февруари изнесувала 1.527 евра, што е за 1,1 процент повеќе номинално и 0,8 проценти повеќе реално отколку во јануари. Во однос на февруари минатата година просечната плата номинално е повисока за 7,8 проценти и 3,9 проценти повеќе реално отколку во февруари минатата година, објави Централниот завод за статистика на Хрватска.

Медијалната нето плата за февруари изнесувала 1.282 евра, што значи дека половина од вработените имале помалку, а другата половина повеќе од тој износ.

Медијалната плата за февруари е за 1,7 проценти помала отколку во јануари, а за 9,1 процент повеќе отколку во февруари минатата година.

Највисоката просечна месечна нето плата исплатена по вработен кај правните лица за февруари е исплатена во производството на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати, во износ од 4.281 евра, а најниската во производството на облека, во износ од 988 евра.

Десет проценти од вработените имале плата до 859 евра, 20 проценти имале плата до 949 евра, а 30 проценти имале плата до 1.031 евра. 40 проценти од вработените имале нето плата за февруари до 1.146 евра, по што следува медијаната, или 50 проценти, со плата до 1.282 евра. Шестиот децил е 1.444 евра, што значи дека 60 проценти од вработените имале плата до тој износ. Просекот од 1.527 евра е помеѓу шестиот и седмиот децил, па околу две третини од вработените во правните лица имале плата пониска или еднаква на просекот, пренесува Сеебиз.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано