Николоски: Работиме на билатерални договори за долгорочни визи со земјите во коишто најчесто одат нашите превозници

Владата работи на ситемско решение на проблемот со превозниците, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, појаснувајќи дека по одложената примена и препознавањето на возачите на камиони и автобуси како професионалци во новата визна стратегија на Европската Унија, државата работи на билатерални договори за долгорочни визи со земјите во коишто најечесто одат нашите превозници. 

Николоски, во гостувањето на Само интервју на Канал 5 телевизија, појасни дека со Бугарија и Грција се работи на тоа воопшто да не се потребни долгорочни визи за превозниците, додека Швајцарција веќе ги вовела, во Хрватска се во Собрание, со Унгарија по изборите, а нашите претставници во април одат во Романија и Австрија и дека остануваат уште Германија и Велика Британија. 

Во однос на воведувањето на електронскиот систем за евиденција на влез и излез од Шенген зоната, Николоски, појасни дека проблемот, според него е во три дела, но дека „не се работи за промена на правила“ и дека ниту досега, ниту одсега не може да се остане во Шенген зоната повеќе од 90 дена. 

-Разликата е дека досега, затоа што системот со печати во пасош е далеку од совршен и скоро и да не можело да се утврди колку се останува во рамки на тие 180 дена. Теоретски е возможно, но практично знаеме дека не. Со електронскиот систем веќе се менува ситуацијата. Значи правилото не се менува, се менува контролата на правилото – изјави Николоски.

Ставот на Владата, нагласи Николоски, за проблемот со превозниците е дека системски треба да се реши проблемот. 

-Протестот на превозниците помогна многу, но помогна многу и дипломатската активност. Знаете дека во сред протест отидов во Хрватска, комуницирав со Грција и Бугарија и се договоривме дека ќе има системско решение. Првиот чекор кон системско решение беше новата визна стратегија што Европската Унија ја објави далеку пред предвидениот рок, кадешто првпат возачите на камиони и автобуси беа препознаени како професионалци. Вториот чекор беше да ја одложиме примената на овој систем барем до крајот на септември за да можат земјите членки да се прилагодат на она што ќе се решенија. Третото решение е да се идентификуваат земјите каде што најчесто нашите превозници одат и тие се веќе идентификувани и со нив да се работи билатерално на долгорочни визи кои би ги издавале за нашите превозници, од една страна, а со Бугарија и Грција да има договори, имајќи предвид дека тука има дневна циркулација, да воопшто не се поретбни визи и да нема ограничување – изјави Николоски.

Работата на третиот пакет, според Николоски, оди релативно добро, посочувајќи дека Швајцарија веќе го вовела, а во Хрватска моментално е во собранието, додека последната недела од април наши претставници одат во Романија, а Унгарија ветила дека по завршување на изборите ќе работат на решавање на проблемот. 

-На 21 и 22 април владина делегација предводена до премиерот Христијан Мицкоски оди во Австрија на средба со австрискиот канцелар. Ова е едно од врвните прашања, коешто ќе се разговара на агендата. Ни останува уште Германија. Имаме и таму разговори преку Комората на странски инвеститори и на тој начин ние ги затвараме државите кадешто најмногу циркулираат нашите превозници, останува уште Велика Британија, кои се надвор и од ЕУ и од Шенген и таму од поодоамна има други правила – појасни Николоски. 

Во однос на барањето на превозниците за право на поврат на акцизата за горивата, Николоски информираше дека пред две седници на Влада имале точка, што ја иницирало Министерството за транспорт во која побарале Управата за јавни приходи да ги извести и нив и Министерството за надворешни работи и Министерството за финансии за фирми од странство на кои ние им правиме поврат. 

– Да не извести за фирми од кои држави ние правиме поврат, да споредиме со државите кои прават поврат на нашите фирми, зборувам за превозниците, да видиме кои се тие што недостасуваат и да се интервенира кон нив со реципрочни мерки, имајќи предвид дека ова е прашање на реципроцитет и веќе почнаа раздвижувња – рече Николоски.  

Николоски, објасни дека ние како држава сме ја почитувале обврската целосно, а државите каде најчесто одат нашите превозници не го почитувале тоа и сега мораме да го воспоставиме правилото на реципроцитет.

извор: МИА

Повеќе од истиот автор

Најчитано