Чонески: Одржливиот туризам е заедничка одговорност на приватниот сектор и на Општината

Нико Чонески, градоначалник на Крушево

Нико Чонески, градоначалник на Крушево

Преку приказната за одржлив туризам низ призмата на параглајдерството, Крушево влезе во 100-те најдобри приказни за зелени дестинации во светот за 2025 година. Ова претставува силна меѓународна потврда дека нашата стратегија за одржлив развој дава резултати. Ова признание значи дека треба да продлложиме туризмот да го развиваме системски, со јасни стандарди и одговорност кон природата и заедницата. Ова носи зголемена глобална видливост, но и конкретни економски ефекти.

Во 2025 година, Крушево бележи 22 612 туристи, што претставува раст од 9,5 % во однос на 2024 година, додека бројот на ноќевања достигнува 55 192, што е раст од 15,7 %. Просечниот престој на туристите во градот се продолжува. Тоа е клучен индикатор за квалитетен, а не масовен туризам − туристите остануваат подолго, трошат повеќе и директно придонесуваат за локалната економија.

Преку техничка помош, швајцарската Програма ИМЕ помогна во урбанизирање на параглајдерското место за полетување и изработка на целокупната документација (идеен проект, урбанистички согласности и елеборати итн.), што ѝ овозможува на локалната самоуправа непречено да ги спроведува идните инвестициски планови поврзани со развојот на туризмот. Параглајдерството е еден од клучните двигатели на туристичкиот развој во Крушево. Со организацијата на национални и на светски натпревари, Крушево се позиционира како европски центар за овој спорт. Во наредниов период планираме развој и уредување на нови места за полетување, подобрување на пристапната инфраструктура, уредување на паркинг-простори.

Покрај параглајдерството, значаен фокус ставаме и на развојот на патеки за планински велосипедизам. Продолжуваме со мапирање и со уредување на постојните планински патеки, одржување, обележување и стандардизација. Нашата стратешка определба е Крушево да стане регионален центар за активни форми на туризам − параглајдерство, планински велосипедизам, планинарење − во синергија со културниот туризам, традицијата и автентичната гастрономија.

Одржливиот туризам е заедничка одговорност. Кога институциите и приватниот сектор работат како партнери туризмот станува двигател на локалната економија. Општината ќе иницира формирање на координациско тело составено од носители на туристичката дејност во Крушево. Ова тело нема да има само советодавна улога, туку низ транспарентен пристап ќе биде активен партнер во креирањето на локалните политики за туризам, во планирањето на инфраструктурните инвестиции и во организирањето на настани.

Дополнително ќе работиме и на подигање на свеста за значењето на туристичката такса како заеднички инструмент за развој. Нашата цел е приходите од туристичката такса да создаваат мултипликативен ефект во локалната економија, односно да се враќаат назад во дестинацијата, создавајќи почиста средина, подобри услови за бизнис, управување со отпад, подобрување на инфрастуктурата и подобар квалитет на живот.


Повеќе од истиот автор

Најчитано