Кризата што следи нема да биде краткорочна – таа ќе го промени начинот на кој живееме, предупредува економистот Зоран Јовановски. Покрај поскапувањата, можно е и ограничување на достапноста на горивата, што отвора простор за мерки како возење пар-непар и пренасочување на ресурсите кон производство на храна.
Во вечерното гостување во Тема на денот, во вестите на Сител, економистот Зоран Јовановски вели дека сите треба да разбереме дека последиците од кризата ќе бидат долгорочни. Покрај тоа што цените на нафтата ќе растат, можно е и самата достапност на нафтата да е проблем. Тој вели дека колку што е можно треба да се чува горивото што го имаме во моментот.
- Можеби треба да се размислува за возење на пар-непар, да се зголеми работата од дома итн., за да кога ќе треба, горивото да се пренасочи кон земјоделството за производство на храна, вели Јовановски
Суштински најважната работа во моментов според Јовановски е тоа дека ние не смееме да ја загрозиме иднината на младите генерации, само за да се одржи комодитетот на сите останати.
- Мораме да разбереме дека секој од нас во овој процес треба да си преземе дел од тежината. Едноставно животот ќе ни биде потежок додека трае кризата и тоа мора да го прифатиме, вели Јовановски.







