Во деловниот свет, зборот „игра“ ретко се поврзува со стратегија, со конкурентска предност или со лидерска зрелост. Почесто асоцира на пауза, на релаксација или на нешто што се случува по завршување на „вистинската работа“. Но, во време на динамични промени, прашањето не е дали имаме време за игра, туку дали можеме да си дозволиме да работиме без неа кога знаеме дека играта, правилно поставена, станува механизам за учење, за адаптација и за конкурентска предност.
Компаниите денес функционираат во средина на постојана неизвесност. Нови технологии, нови пазари, нови модели на работа. Во таков контекст, дали можеме да си дозволиме да не правиме грешки? Ако не грешиме, најчесто значи дека не сме преземале храбри чекори. А ако не преземаме храбри чекори, повторуваме нешто што веќе го знаеме. Тоа значи дека не учиме ништо ново, а во време на брзи промени, тоа се плаќа скапо. Токму тука играта станува сериозна тема. Таа не е спротивност на сериозноста, туку пат до сериозни резултати. Таа е безбеден простор за вежбање на мускулот на одлучување во неизвесност − способност што денес вреди повеќе од стабилноста.
Што се случува во мозокот кога играме?
Од перспектива на мозокот, играта е начин да се создаде состојба во која учењето е природно, лесно и ефикасно. Кога сме опуштени, љубопитни и вклучени се лачи допамин, а допаминот е клучен за мотивација и не само што го олеснува учењето туку директно влијае и на способноста за креативно решавање проблеми. Во такви моменти, амигдалата (центарот за страв и реакција) се смирува, а префронталниот кортекс (делот од мозокот задолжен за размислување, за креативност и за донесување одлуки) добива целосен пристап до ресурсите. Оттука произлегува нешто многу важно. Кога сме опуштени и кога ни е забавно, ние сме попаметни, поснаодливи и поподготвени да соработуваме, токму тоа е суштинската предност на играта. Се разбира, тоа не значи дека треба да си „играме“ наместо да работиме, туку да се создадат моменти, алатки и структури кои внесуваат свежина, раздвижување и флексибилно размислување во работната реалност. Играта создава токму таков контекст − контролиран простор каде што грешката не е казна, туку информација. Не е закана за статусот, туку податок за учење. Во играта нема поени за перфекција, туку за обид. А во свет што постојано се менува, за компаниите е клучно да експериментираат затоа што во спротивно заостануваат. Тоа е просторот каде што влегува пристапот #КакоМОЖЕ.
Пристапот #КакоМОЖЕ го развив како структурирана рамка за развој на флексибилно размислување, за активна комуникација и за учење преку прашања. Наместо да се наметнува одговор или решение, поттикнува отворена дискусија и саморефлексија. Во организациски контекст, овие алатки (играта, картите и коцката #КакоМОЖЕ) можат да се користат во:
- тимски сесии за решавање проблеми,
- состаноци за подобрување на комуникацијата,
- обуки за лидерство или учење преку искуство,
- индивидуален или тимски тренинг
Преку игрива структура − фрлање коцка, избор на прашање, фрлање карта или движење низ игра − учесниците се активни, вклучени и, најважно, присутни. Прашањата отвораат нови агли на гледање, без отпор, а новите прашања бараат нови одговори. Пристапот беше претставен на HR Disrupt 2.0 Скопје, каде што беше препознаен како стратешка алатка за активирање на дијалог и на размислување.
Лидерите кои создаваат простор за игра не ја релативизираат работата, туку ја зајакнуваат културата. Кога во компанијата постои простор каде што прашањата се дозволени, а грешката е дел од процесот, се создава психолошка сигурност. А психолошката сигурност не е мек концепт, таа е предуслов за успех. Тим што се плаши да згреши, ќе игра сигурно. Тим што игра сигурно, нема да направи вистински пробив.
Во таков контекст, играта станува тест за зрелоста на лидерот. Дали лидерот е доволно сигурен да дозволи различни идеи? Дали може да издржи разговор без готов одговор? Дали може да поддржи експеримент без гаранција за успех? Играта, правилно поставена, го открива токму тоа − колку организацијата навистина е подготвена да учи.
Дополнително играта ја менува динамиката на моќ. Наместо хиерархиска комуникација, се отвора хоризонтален дијалог. Наместо инструкции, се поставуваат прашања. Наместо фокус на проблем, фокусот се поместува кон решение. Тоа не е наивност − тоа е когнитивна стратегија.
Во свет каде што технологијата брзо се копира, а процесите се стандардизираат, вистинската конкурентска предност станува начин на размислување. Компаниите што системски го вежбаат мускулот на адаптација − преку структуриран простор за експериментирање − се оние што остануваат релевантни.
Најопасно во време на динамични промени не е да згрешиме. Најопасно е да престанеме да учиме. А секое вистинско учење започнува со едно прашање: #КакоМОЖЕ?
Во стратегијата, најскапите грешки не се оние што ги правиме − туку оние што не сме се осмелиле да ги тестираме. Играта создава симулациска средина во која идеите можат да се „испробаат“ пред да станат инвестиции. Во таков контекст, дискусијата не е теоретска − таа е прототип на размислување. Кога тимот низ игра ги тестира претпоставките се откриваат слабости, ризици и алтернативи − додека цената сè уште е ниска. Тоа не е забава. Тоа е управување со ризик. Стратегијата што не може да издржи симулација − тешко дека ќе издржи пазар. Лидерите кои ја разбираат оваа разлика не ја користат играта за атмосфера, туку за квалитет на одлуките затоа што во свет каде што брзината е конкурентска предност, способноста брзо да се учи станува повредна од способноста да се биде во право од првпат.
Економија и бизнис, 15 март 2026г





