Во своето завршно соопштение од консултациите со македонските власти, согласно челнот 4 од Статутот на Меѓународниот монетарен фонд, Мисијата на ММФ искажа позитивна оценка за оствареното кај фискалната политика во 2025 година. Се истакнува дека Буџетот за 2025 година ја исполни целта за дефицит од 4 проценти од БДП, а јавниот долг, вклучително и гарантираниот од државата, остана на ниво од околу 60 проценти од БДП.
Мисијата го поздравува ангажманот на властите за намалување на фискалниот дефицит на 3,5 проценти од БДП во 2026 година. Притоа, Мисијата посочува: Ова би помогнало да се изградат фискални резерви за справување со шокови. Сепак, без конкретни мерки во даночната политика и администрација, планираните приходи можеби нема да се реализираат, па дефицитот би можел да достигне 4,2 проценти од БДП. Постигнувањето на буџетската цел ќе бара цврста контрола на тековните расходи, особено за пензии, плати и стоки и услуги, како и напори за намалување на даночните ослободувања од ДДВ.
Мисијата повикува на примена на таргетирани мерки од страна на фискалните влести. Имено, во соопштението се вели: Поддршката за домаќинствата како одговор на тековниот енергетски шок треба да биде добро таргетирана, бидејќи општите субвенции, вклучително и генерализирани даночни намалувања, се неефикасни и регресивни. Затоа, привременото намалување на ДДВ треба брзо да се укине. Ранливите домаќинства треба да се поддржат преку постојните шеми за социјална помош, кои се релативно добро таргетирани, но можеби треба да се прошират и подобрат. Дополнителните приходи од ДДВ поради повисоките цени на горивата би можеле делумно да ги покријат овие трошоци.
ММФ се осврнува и на изгледите на среден рок. Мисијата истакнува дека фискалната консолидација треба да продолжи и на среден рок. Анализата на одржливоста на долгот укажува на умерен ризик, кој заедно со значителните потреби за финансирање на буџетот и очекуваниот раст на потребите за финансирање на пензискиот фонд (што може да додаде 5,3 проценти од БДП на јавниот долг до 2041 година), укажува на потреба од поголемо намалување на дефицитот. Се препорачува јавниот долг (без гаранции) да се намали под 45 проценти од БДП до 2035 година, што бара дефицит од 2 проценти од БДП до 2030 година. Ова би обезбедило доволен простор за справување со идни шокови и демографски притисоци. Најголемите придобивки може да се постигнат преку намалување на даночните ослободувања од ДДВ (околу 3,5 проценти од БДП), како и преку зајакнување на даночната администрација преку е-фактурирање, интегриран даночен информациски систем, подобро управување со ризици и намалување на даночната евазија. На страната на расходите, приоритети се контрола на платите во јавниот сектор преку унифициран и правилно базиран систем, како и реформа на пензискиот систем за повторно воспоставување на врската меѓу придонесите и бенефициите. Во меѓувреме, зголемувањата на платите и пензиите треба да се ограничат на нивото на инфлацијата. Подобрувањето на управувањето со јавните финансии и инвестициите ќе ја зголеми ефикасноста на трошењето и ќе генерира дополнителни заштеди.
За појасна и поцелосна слика за реалната состојба со фискалните ризици Мисијата на ММф истакнува дека е клучно зајакнувањето на буџетската интегритет и фискалната транспарентност. Во соопштението се вели дека: Институционалното решение со кое управувањето со изградбата на патишта е доверено на Јавното претпријатие за државни патишта (ПЕСР) значи дека значителен дел од јавните инвестиции и задолжувањето со државни гаранции се надвор од буџетот. Слично, загубите на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), кои произлегуваат од политиката на субвенционирани тарифи, претставуваат имплицитни субвенции кои не се прикажани во буџетот. Вклучувањето на ПЕСР и електричните субвенции во рамката на општата владина сметка би ја подобрило транспарентноста и проценката на фискалните ризици.







