Савески: Сите обвинители се еднакви, нема да има персонално врзување со предмети

Сите обвинители се еднакви

Државниот јавен обвинител Ненад Савески денеска на брифинг со новинарите најави дека од утре ќе изврши целосно повлекување на сите дадени овластувања за постапување меѓу обвинителствата, освен во Кочани, Крива Паланка и Ресен, каде поради недостиг на обвинители овластувањата мора да останат активни. Тој нагласи дека сите обвинители ќе бидат третирани еднакво, без фаворизирање, а во однос на предметот за „Кочани“ ќе има посебен, институционален третман поради неговата исклучителна комплексност. 

Одговарајќи на прашање за последните одлуки на Советот на јавни обвинители и за промените во составот на обвинителите кои постапуваат по сензитивни предмети, Савески рече дека персоналното врзување обвинители со конкретни предмети е „погрешна пракса“ и дека континуитетот на постапките мора да биде обезбеден преку институционален, а не личен капацитет.

-Јавниот обвинител е менлива категорија. Предметот мора да има континуитет независно од тоа дали обвинителот е реизбран или не, истакна Савески, додавајќи дека секој обвинител има обврска да се соочи со предизвиците на работата, вклучително и со преземање веќе активни предмети.

Говорејќи за континуитетот на предметите што ги водеше обвинителката Ивана Трајчева кои се однесуваат на полициските службеници, поврзани со трагедијата во Кочани, Савески посочи дека не смее да се создава впечаток дека само еден обвинител може да обезбеди квалитетно постапување.

-Ивана е извонреден обвинител. Мојата почит кон нејзината работа е позната. Но, обвинителството не смее да зависи од едно лице, рече тој.

Во делот за Советот на јавни обвинители кој едногласно ја отфрли иницијативата на обвинителката Ленче Ристоска, која тврдеше дека врз нејзината професионална самостојност се вршат надворешни влијанија и притисоци, Савески посочи дека таа единствена досега се повикала на законската можност да бара заштита на интегритетот. Тој објасни дека не станува збор за политички притисоци, туку за постапка која во законот постои за случаи кога претпоставени структури би можеле да го загрозат самостојното постапување на обвинител.

-Интегритетот обвинителот си го штити самиот, со своето постапување. Но во законот постои механизам и тоа е легитимно право. Советот го разгледа и формира мислење. Аргументите за тоа, за мене, беа прифатливи, рече Савески.

Во однос на сензитивните случаи, тој изјави дека не очекува одложувања ниту пад на квалитетот, и дека обвинителите кои ги преземаат предметите ќе бидат подготвени да се вклопат во постојните процеси. Како пример наведе дека досега имало многу ситуации во кои обвинители преземале комплексни предмети во напредна фаза, но успешно ја продолжиле постапката.

Савески најави и уредување на системот на овластувања во обвинителствата. Според него, затекнал „хаотична состојба“ со голем број дадени и повлечени овластувања без единствена евиденција. Најави дека сите овластувања ќе бидат повлечени и повторно разгледани, со исклучок на овластувањата во Кочани, Крива Паланка и Ресен, каде што поради недостиг на обвинители е неопходно продолжување на досегашниот модел.

Посочи дека за предметите од висок јавен интерес, како и за тековните случаи поврзани со тешки несреќи и организиран криминал, ќе се обезбеди несметано постапување. Нагласи дека нема да дозволи да се создаде впечаток дека некој предмет останал без обвинител.

-Ниту еден предмет нема да биде оставен без застапување. Ќе има обвинител за секој случај, рече Савески, реагирајќи на новинарски прашања за известувањата околу одложените рочишта кај дел од сензитивните предмети.

Во однос на политичките изјави и јавните прозивки, тој потенцира дека Јавното обвинителство не постапува по политички повици и дека кривичните пријави се процесуираат согласно законските обврски, а не по јавен притисок.

Тој додаде дека поддржува дигитализација на процесите, за секој обвинител да биде оценуван врз основа на мерливи параметри – динамика на работа, квалитет на одлуки, сложеност на предмети и резултати.

Савески се осврна и на случаите каде ревизорските извештаи се основа за кривични пријави, нагласувајќи дека Државниот завод за ревизија редовно соработува со обвинителството, а по секој пријавен случај се постапува доколку постојат индиции за кривично дело. бк/ац/

извор/фото: МИА

Повеќе од истиот автор

Најчитано