„Сликите на вкусот“ (Frames of Flavours) – конкурс за фотографи од регионот

Проектот „Сликите на вкусот“ (Frames of Flavours) објави отворен повик за млади уметници и фотографи на возраст од 18 до 35 години од Македонија, Србија, Црна Гора и Албанија. Mеѓународниот фестивал на алтернативна фотографија (International festival of alternative photography) соопшти дека се работи за регионална иницијатива, која преку храната, како еден од најсилните заеднички јазици на Балканот, го истражува дијалогот помеѓу генерациите и културите.

– Проектот не бара само естетски фотографии од храна, туку визуелни приказни за ритуалите: месење леб, одење на пазар, семејни трпезарии и традиционално производство на вино и ракија. Целта на „Сликите на вкусот“ (Frames of Flavours) е преку објективот да се документираат односите што се градат околу заедничката трпеза. Финалните трудови развиени во рамките на „Сликите на вкусот“ (Frames of Flavours) (фотографии и документарен филм) ќе бидат претставени на голема регионална изложба во Скадар, Албанија, во мај 2026, каде што македонските учесници ќе ги изложат своите дела заедно со врсниците од регионот – соопшти Mеѓународниот фестивал на алтернативна фотографија.

Локален партнер одговорен за спроведување на проектот во Македонија е Фестивалот за алтернативна фотографија „Зрно“, кој ја координира програмата и ги води локалните сесии за избраните македонски претставници во рамките на „Сликите на вкусот“ (Frames of Flavours).

Избраните учесници ќе имаат можност да ги развиваат своите концепти под директно менторство на Сашо Алушевски (Македонија) и Звездан Манчиќ (Србија). Програмата на „Сликите на вкусот“ (Frames of Flavours) ќе се реализира во април и мај преку хибриден модел на осум работилници, кои вклучуваат работа на терен, индивидуални сесии и онлајн-менторство.

Повикот за „Сликите на вкусот“ (Frames of Flavours) е отворен до 10 април 2026. Заинтересираните може да аплицираат со фотосерија, есеј или со архивски материјали или со проектна идеја/концепт, кој допрва би го развивале.

– Апликацијата треба да содржи кратка биографија, опис на концептот и до 15 фотографии. Предлозите се испраќаат на photofestgrain@gmail.com – се наведува во отворениот повик за млади фотографи од регионот.


Извор МИА

Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано