Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска денеска учествуваше на онлајн координативен состанок со сите релевантни чинители во процесот на енергетска трансформација, на кој беше означен стартот на подготовките за значаен инвестициски циклус за енергетска обнова на јавните згради во Северна Македонија.
На состанокот, како што соопшти ресорното Министерство, биле презентирани насоките за изработка на подготвителна студија за енергетска ефикасност, со јасна определба обновата на јавниот градежен фонд да стане еден од клучните државни приоритети.
– Како почетен чекор, беше презентирана листа од 14 приоритетни јавни објекти со вкупна површина од околу 100.000 квадратни метри и проценета вредност за реновирање од околу 11 милиони евра. Ова претставува основа за градење на значително пошироко инвестициско портфолио, со амбиција да достигне најмалку 50 милиони евра, информира Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.
Во текот на состанокот, посочуваат, било потенцирано дека државата веќе има обврска за годишна обнова на 3 отсто од јавните згради во периодот 2025–2028, со цел до 2028 година да се достигне најмалку 9 проценти обновена површина.
– Подготвителната студија ќе обезбеди конкретна и применлива основа за следната фаза – детални анализи и реализација на инвестиции. Фокусот ќе биде ставен на длабински и мерливи резултати. За секој објект ќе треба да се исполнат најмалку два од трите клучни критериуми: најмалку 40 отсто заштеда на енергија, 40 проценти намалување на емисиите на стакленички гасови или 40 проценти заштеда на вода. Дополнително, кај објектите без системи за ладење, ќе се бара и најмалку 20 отсто подобрување на термичкиот комфор, посочува Министерството.
Со овој процес, како што е нагласено, државата поставува јасна, технички заснована и инвестициски подготвена рамка за забрзување на обновата на јавните згради, намалување на енергетската потрошувачка и унапредување на условите во јавниот сектор.
Процесот се реализира во рамки на програмата PEEB Cool, со поддршка од Француската агенција за развој (AFD) и во координација со Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ) и надлежните институции.
Фото: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини






