Европа се соочува со сериозна криза на пазарот на компири, бидејќи понудата стана толку голема што во некои случаи цената дури падна на негативна зона, што значи дека продавачите им плаќаат на купувачите да ги преземат компирите. Производителите на компири мора да платат и за воопшто да го отстранат родот од полињата.
Големи количини завршуваат како добиточна храна или се користат во постројки за биогас.
Во Холандија се забележани негативни цени од околу минус 1 до минус 2 евра за 100 килограми компири за храна. Оваа негативна вредност се јавува затоа што производителите имаат дополнителни трошоци за транспорт, дистрибуција или уништување на вишоците.
Експертите предупредуваат дека ситуацијата нема брзо да се стабилизира. Според пазарните аналитичари, во моментов има вишок од околу 3,3 милиони тони компири на европско ниво, што дополнително ги притиска цените и го отежнува пласманот.
Најпогодени се Холандија, Белгија, Германија и Франција, земји кои значително ги зголемија површините под компири во претходните две години поради добрата побарувачка и високите договорни цени. Поволните временски услови дополнително доведоа до рекордни приноси, па пазарот сега е преплавен со стока.
Ситуацијата е дополнително комплицирана поради отежнатиот извоз надвор од Европската Унија, како и геополитичките тензии, трговските бариери и сè посилната конкуренција од земји како Кина, Индија и Египет, пренесува Дневник.
Фото Економија и бизнис







