Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) денес предупреди дека ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток го забавува глобалниот економски раст и може да ја зголеми стапката на инфлација. Пред војната, глобалната економија беше на патот на посилен раст, но сега тоа сценарио повеќе не е релевантно, се забележува во економските перспективи на организацијата.
ОЕЦД предвидува дека глобалниот економски раст ќе забави од 3,3 проценти во 2025 година на 2,9 проценти во 2026 година, пред малку да се зголеми на три проценти во 2027 година.
Причината се остриот скок на цените на енергијата и непредвидливоста на војната на Блискиот Исток, кои ги поништуваат позитивните ефекти од инвестициите во технологија, пониските тарифи и економскиот моментум од 2025 година.
ОЕЦД изјави дека проекциите се условни и дека се претпоставува дека нарушувањата на пазарот на енергија постепено ќе се ублажат, при што цените на нафтата, гасот и ѓубривата да се намалатод средината на 2026 година.
Се очекува инфлацијата во земјите од Групата 20 (Г20) да биде четири проценти во 2026 година, што е за 1,2 процентни поени повисока од претходно прогнозирана, пред да се намали на 2,7 проценти во 2027 година.
Еврозоната треба да забележи економски раст од 0,8 проценти во 2026 година, под притисок од повисоките цени на енергијата, пред да се забрза на 1,2 проценти во 2027 година благодарение на повисоките трошоци за одбрана.
Економскиот раст на Соединетите Американски Држави, според прогнозата, ќе забави од два проценти во 2026 година на 1,7 проценти во 2027 година, додека се очекува висока инфлација од 4,2 проценти во 2026 година, што е за 1,2 проценти повеќе од претходната прогноза.
Се очекува БДП на Кина да порасне за 4,4 проценти во 2026 година и 4,3 проценти во 2027 година, што е во согласност со претходните прогнози, според информациите објавени на страницата на ОЕЦД, пренесува Еуроњуз.
Фото Економија и бизнис







