Димитриеска-Кочоска: Почна исплатата на првиот дел за поврат на солидарниот данок

Министерството за финансии почна со исплата на средствата кон компаниите што во текот на 2023 година ги уплатија во буџетот по основ на Законот за данокот на солидарност. Досега преку трезорот на Министерството за финансии се реализирани налози во вкупен износ од 990 милиони денари.

Вкупниот износ што компаниите го уплатија во 2023 година во буџетот изнесуваше 3 милијарди денари. Половина од овој износ државата ќе го врати во текот на овој месец, а другата половина од износот во март 2027 година.

– Министерството за финансии врз основа на задолжение од Владата спроведе транспарентна и инклузивна постапка преку која се утврди модалитетот со кој државата ќе ги врати средствата што беа наплатени од компаниите по законското решение што беше поништено од страна на Уставниот суд. Станува збор за постапка што заедно ја утврдивме со компаниите со цел да може да се вратат средствата, а притоа да не се наруши ликвидноста на буџетот – вели министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.

Законот за данокот на солидарност беше донесен од страна на Собранието во 2023 година. Со законското решение беа опфатени компании што во текот на 2022 година остварија вкупен приход поголем од 615 милиони денари и во согласност со Законот во буџетот во текот на 2023 година беа уплатени 49,2 милиони евра од страна на 156 компании. По поништувањето на Законот од страна на Уставниот суд, државата имаше обврска да се вратат средствата што беа уплатени во буџетот по основ на Законот. 

Повратот на средствата се врши врз основа на доставено барање од страна на компаниите до Управата за јавни приходи, а врз основа на донесен правилник за изменување и дополнување на правилникот за формата и содржината на образецот на барањето за враќање повеќе или погрешно наплатен данок. Компаниите барањата ги доставуваат до Управата за јавни приходи и во согласност со податоците досега барања имаат доставено вкупно 117 компании.

извор МИА

Повеќе од истиот автор

Најчитано