Во последниве неколку години автомобилската индустрија помина низ комбинација од пандемија, недостиг на полуспроводници, геополитички ризици и агресивна електрификација. Дали сметате дека тековната нестабилност е цикличен пад или структурна трансформација на индустријата? Кои фактори ќе бидат пресудни за стабилизација − каматните стапки, енергетските цени, побарувачката или нешто друго?
З. Муцунски: Тековната нестабилност не би ја дефинирал како класичен цикличен пад, туку како изразен пазарен притисок кој се одвива паралелно со длабока структурна трансформација на индустријата. Автоиндустријата систематски се обидува да го редефинира својот бизнис-модел, од традиционално производствен − имиџ за кој грчевито се држеше во минатото − кон своевиден технолошки и електрифициран екосистем. Иднината на автомобилската индустрија е неминовна транзиција кон електрични, софтверски дефинирани и автономни возила, со цел до 2035 година новите автомобили да бидат со нулта емисија. Индустријата спроведува акциски план за зајакнување на синџирите на снабдување, на инфраструктурата и на дигиталните иновации. Но, ова нема да се случи преку ноќ, претстои една контролирана транзиција каде што трите концепти: моторите со внатрешно согорување, хибридите и електричните возила би коегзистирале додека рамнотежата постепено не се помести кон електрификацијата. Клучни фактори за стабилизација ќе бидат намалувањето на каматните стапки, што е особено важно имајќи предвид дека возилата најчесто се купуваат на лизинг; пониските енергетски трошоци и посигурните синџири на снабдување. Значи во овој период не зборуваме за криза или за нестабилност, туку за преоден период на технолошка трансформација каде што, како и секогаш, ќе преживеат не најсилните, туку оние кои ќе умеат соодветно да се прилагодат на новите трендови.
Продажбата на нови автомобили во клучните пазари како Германија и Франција бележи годишен пад. Дали македонскиот пазар ја следи таа динамика или има сопствен циклус? Колку нашата побарувачка е чувствителна на случувањата во ЕУ и на условите на финансирање?
З. Муцунски: Падот на продажбата на возила во Европа првенствено е резултат на значителното поскапување предизвикано од високите каматни стапки, од зголемената инфлација и од растот на цените на енергентите, на компонентите и на работната сила. Дополнително, намалувањето на субвенциите за електрични возила негативно се одрази врз побарувачката. Сепак, иако вкупниот пазар бележи пад, продажбата на електрични возила сериозно расте, што е уште еден показател дека пазарот се оддалечува од традиционалните погони и дека електрификацијата станува клучен двигател на идниот раст. Со други зборови, имаме краткорочен пад, но долгорочна трансформација. Што се однесува до Македонија, пазарот е значително помал и пофлексибилен, но секако мошне зависен од економските случувања во Европската Унија. Повисоките цени, инфлацијата и поскапите кредити влијаат и кај нас, обично со одредено временско задоцнување. Европа во моментов минува низ фаза на приспособување, па и Македонија полека го следи тој тренд. Доколку би сакале да зборуваме за сериозен раст, потребна е стабилизација на економските услови и промена на државните политики особено во однос на даночни олеснувања и на поддршка при купување на електрични возила.

Уделот на бензински возила во Европа значително се намалува, додека расте продажбата на електрични и на хибридни модели. Како Порше Македонија ја прилагодува својата продуктна и инвестициска стратегија на оваа транзиција? Дали ја гледате електрификацијата како краткорочен тренд поттикнат од регулатива или како долгорочна промена на потрошувачките навики?
З. Муцунски: Порше Македонија, како официјален увозник на брендовите од Фолксваген груп (Volkswagen Group) за Македонија и за Косово, ја усогласува својата стратегија со глобалните промени во индустријата. Бевме пионери во воведувањето и во промоцијата на електрични возила на нашиот пазар и први инвестиравме во ДЦ турбо полначи кои со години беа единствени во државава.
Нашите брендови нудат одлични електрични модели, инвестиравме во обука на продажно-сервисниот персонал, во специјализирана опрема за сервисирање електрични возила, како и во сопствена инфраструктура за полнење. Нашата цел секогаш е да се стремиме кон потполно задоволство на клиентите − од стручно советување и тест возење, преку врвни производи, до сигурна и долгорочна постпродажна поддршка. Кај нас пренасочувањето кон електрични возила се одвива побавно отколку на европските пазари. Нашиот народ емотивно е врзан за дизелските и за бензинските мотори, па ние работиме на менување на свеста, посочуваме дека електричната иднина е неизбежна и дека електричните возила не се минлив тренд, туку структурна промена која носи напредок, зголемена грижа за животната средина и економска оправданост при користење. Електрификацијата не ја гледаме како краткорочен тренд поттикнат исклучиво од регулатива, самото искуство на клиентите при возење на овие возила − тивкост, конективност, динамика и драстично пониски трошоци − влијаат на промената на перцепцијата за овие возила, па оттука зборуваме за долгорочна промена на потрошувачките навики.
Либерализацијата го зголеми приливот на половни возила, но Македонија и понатаму има еден од најстарите возни паркови во Европа. Дали оваа политика помогна во обновување на возниот парк или, всушност, го одложи структурното подмладување? Како тоа влијаеше врз пазарот на нови автомобили?
З. Муцунски: Либерализацијата несомнено ја зголеми достапноста до автомобили и ја подобри мобилноста која му е потребна секогаш на народот, но од структурен аспект таа не доведе до суштинско подмладување на возниот парк. Напротив, најголемиот дел од увезените возила се сериозно амортизирани при што просечната старост на возниот парк е над 19 години − една од највисоките во Европа. Тоа значи дека политиката во минатото повеќе го зголеми бројот на возила отколку што го подмлади возниот парк. Воедно истата политика директно влијаеше врз пазарот на нови возила навидум создавајќи конкуренција со употребуваните возила во цена, но не и во квалитет и безбедност, а за еколошки придобивки не станува ниту збор. Велам „навидум“ затоа што ако се земе предвид потребата од чести сервисирања и поправки на половните возила ќе се добие вистинската слика за нивната економска неисплатливост и еколошка неприфатливост. На долг рок, без јасна стратегија за воведување еколошки стандарди и поддршка при купување нови автомобили, се одложува структурното подмладување на возниот парк.
Македонија заостанува според бројот на електрични возила по глава на жител. Дали главните ограничувања се цената, недоволната инфраструктура, субвенциите или перцепцијата на потрошувачите? Што би било т.н. фактор на промена („game changer“) за побрза електрификација на домашниот пазар?
З. Муцунски: Македонија навистина заостанува според бројот на електрични возила, но причините се повеќеслојни и не можат да се сведат на еден фактор. Иако вкупниот трошок за електричните возила на долг рок е понизок и иако се ослободени од данок на моторни возила при увоз, тие сепак подлежат на царина и на ДДВ, па почетната инвестиција за ваков автомобил е висока. Понатаму, инфраструктурата сè уште не е доволно густа за да создаде чувство на целосна сигурност кај клиентите − таа е функционална, но сè уште не доволно покриена со брзи полначи. Сепак, можеби најголемото ограничување е перцепцијата на клиентите. Постои страв од недоволна достапност на полначи по должина на патните правци, од достапност на сервис, од трајност на батеријата, како и силна приврзаност кон традиционалните мотори со внатрешно согорување. Практичното искуство покажува дека голем дел од овие стравови се неосновани, но потребно е време и повеќе лично искуство за тие да се надминат. Најсилен фактор за можна промена несомнено е јасна и долгорочна државна стратегија изразена преку даночни олеснувања за купување електрични возила, изградба на национална мрежа на брзи полначи, дополнителни нефинансиски поволности како бесплатен паркинг и патарина. Сево ова би создало слика дека електрификацијата е долгорочен приоритет и би создала доверба, а довербата на овие простори е клучен предуслов за промена во однесувањето на домашните клиенти и на компаниите.

Како тековните геополитички ризици и флуктуациите во цената на нафтата влијаат врз планирањето, ценовната политика и роковите на испорака? Ова дополнително се влоши со воените дејствија на Блискиот Исток. Дали европската автомобилска индустрија влегува во нова ера на повисоки структурни трошоци?
З. Муцунски: Сите наведени предизвици имаат директно влијание врз стратегијата и активностите на автомобилската индустрија − особено во делот на планирањето, на ценовната политика и на роковите на испорака. Конфликтите во регионот придонесуваат за раст на цените на нафтата и на природниот гас, што ги зголемува трошоците за транспорт, за логистика и за производство по должина на целиот синџир на снабдување. За автомобилските компании тоа значи и потреба од внимателни одлуки за инвестиции, за производствени капацитети и за управување со резерви. Од една страна, се соочуваме со раст на трошоците предизвикан од геополитичка нестабилност. Од друга страна, технолошкиот развој се одвива со вртоглава динамика и нуди сè понапредни електрични возила со што постепено се намалува зависноста од фосилните горива. Токму тука е шансата за одредено балансирање: можно е да зборуваме за повисоки структурни трошоци во споредба со претходната деценија, но истовремено и за забрзана енергетска транзиција што носи поголема стабилност и предвидливост на долг рок. Оптимистички е дека не очекуваме апокалиптично сценарио на неконтролиран и на постојан раст на цените. Поверојатно е постепено прилагодување каде што повисоките енергетски и логистички трошоци ќе се компензираат со технолошки напредок, со подобрување на производствените процеси, на синџирите на снабдување и поголема енергетска независност. Ќе се создаде поодржлив, иако поинаков, модел на раст за европската автомобилска индустрија.
Во услови на повисоки каматни стапки и повнимателни потрошувачи, како се менува бизнис-моделот на увозниците? Дали фокусот се префрла од волумен кон маржа, од продажба кон услуги, финансирање и постпродажба?
З. Муцунски: Во такви услови автомобилскиот бизнис природно станува помалку „волуменски“, а повеќе стратешки, ориентиран кон вредност и одржливост. Ние не сакаме само да продадеме туку и да создадеме трајни врски, не целиме кон маржа од еднократна продажба, туку долгорочна релација со клиентот, одржливост која ќе се пренесе преку целиот животен циклус на клиентот, не продаваме само производ, туку целосно искуство. Тоа значи дека ги развиваме услугите на сите полиња − од флексибилни лизинг модели, преку сервисни пакети до продолжени гаранции и осигурување. Дополнително дисциплината во управувањето со резервите на возила станува сè покритична. Наместо нарачување на возила за лагер за да се создадат резерви, приоритет е прилагодување на нарачките и поблиска координација со производителите со цел да се избегнат финансиски притисоци. Сепак, не се работи за целосно напуштање на волуменскиот концепт, туку за балансирање. Волуменот и понатаму е важен, но задоволството на клиентите и долгорочната лојалност стануваат клучни двигатели на стабилен раст во услови на повисоки каматни стапки и повнимателен пазар.
Што ја издвојува вашата компанија во однос на останатите увозници − портфолиото на брендови, постпродажната услуга, дигитализацијата, финансирањето или нешто друго? Каде сакате да ја позиционирате компанијата во следниве пет години?
З. Муцунски: Она што нè издвојува од останатите увозници, пред сè, е силата и структурата на нашето портфолио. Под своја закрила имаме повеќе брендови и секој бренд што го застапуваме има уникатен идентитет, вредности и целна група. Иако брендовите интерно ги третираме и како меѓусебни конкуренти, за Порше Македонија сите се дел од едно големо семејство што нуди различни решенија за различни животни стилови − од рационалноста и практичноста на Фолксваген, Шкода и СЕАТ (Volkswagen, Skoda i SEAT), преку динамиката и емоцијата на КУПРА и АУДИ (CUPRA i Audi), до престижот и иновациите на Порше (Porsche). Нашата улога е да ја препознаеме вистинската потреба на клиентот, да му овозможиме несекојдневно доживување и да изградиме доверба која ќе трае со години. Лојалноста не се создава само со купување на возилото туку и со целокупното искуство − од првиот контакт во салоните, преку финансирањето, до сервисот и поддршката во текот на годините. Токму таа доследност и сигурност се причината што Порше Македонија веќе две децении е на врвот на автомобилскиот пазар. Во следниве пет години сакаме дополнително да се позиционираме како лидер во одржливост и во премиум мобилност. Ќе продолжиме со усогласување со стратегијата на Фолксваген груп (Volkswagen Group) во делот на електрификацијата, со постепено зголемување на уделот на електрични возила и развој на соодветна инфраструктура, како и бескомпромисна и беспрекорна интеграција во животниот стил на нашите клиенти. Паралелно дигитализацијата ќе биде клучен столб − нашите дилерски центри ќе се развиваат во модерни центри за мобилност што ги интегрираат физичкото и дигиталното искуство, со персонализирани интернетски услуги и поедноставени процеси. Нашата цел не е само да продаваме автомобили туку и да градиме долготрајни односи и заедница за нашите брендови, заедница која ги цени карактеристиките, дизајнот и иновациите, но пред сè ги цени традицијата и вредноста. Во следниве пет години ќе се бориме да ја зацврстиме позицијата на компанијата како златна валута на македонскиот автомобилски пазар, како симбол на доверба, иновација и потполно задоволство на клиентите. Порше Македонија има минато, сегашност и иднина. Остануваме верни на квалитетот кој ни е наследство од нашите брендови и целиме да бидеме предвесници на новата иднина − попаметна, почиста и технолошки понапредна од кога било досега.
Ви благодарам за интервјуто.
Разговараше: Зоран Јовановски
Економија и бизнис. 15 март 2026







