НОВИ ИНВЕСТИЦИИ ЗА НОВИ ПАЗАРИ И ПОГОЛЕМ ИЗВОЗ − „РЕПЛЕК“ АД СКОПЈЕ

Азески во Реплек

ДЕЦЕНИСКО ОПСТОЈУВАЊЕ НА ТРГОВСКИ БРЕНДОВИ − УСПЕШНИ РАЗВОЈНИ ПРИКАЗНИ

„Реплек“ интензивно инвестира, расте и се позиционира на нови пазари, а истовремено активно учествува во процесите поврзани со унапредување на деловното опкружување во земјава. Компанијата влегува во својата 80+ година и се карактеризира со континуитет, стабилност и јасна визија за иднината. По успешната јубилејна 80-та година, во која реализира значајни инвестиции насочени кон зајакнување на производствените капацитети, продолжува по патот на долгорочен и на одржлив раст и развој. Потврда за успешноста на стратегијата е и растот на профитабилноста од 39 % во однос на 2024 година при што е остварен профит од 5 милиони евра.

Производите на „Реплек“ АД Скопје денес се присутни на 25 пазари во Европа, во Азија и на Блискиот Исток при што 75 % од приходите од продажбата се остварени на странски пазари. Целта на „Реплек“ АД Скопје во наредниов период е проширување на присуството на вкупно 40 пазари, односно влез на уште 15 нови пазари. Паралелно со тоа остануваат посветени и на домашниот пазар, кој за компанијата е подеднакво важен и од економска и од општествена перспектива.

Во фармацевтската индустрија, континуираните инвестиции и одржувањето на највисоки стандарди за квалитет не се избор, туку неопходност. Регулативата е строга, очекувањата на партнерите и на потрошувачите се високи, а довербата се гради со години. Токму затоа „Реплек“ континуирано инвестира во напредна технологија, во иновативни процеси и во високостручен кадар со цел да обезбеди квалитетно, стабилно и, пред сѐ, безбедно портфолио на производи.

Ништо од ова не би било возможно без човечки капитал. „Реплек“ има над 400 вработени, високопрофесионален и специјализиран кадар. Јасно е дека пазарот на трудот претставува еден од клучните структурни предизвици за македонската економија поради што континуирано се вложува во обуки, во развој на вештини и добросостојба на нашите вработени, овозможувајќи им долгорочен професионален развој во рамките на компанијата.

Претседателот на Комората Бранко Азески реализираше работна посета на „Реплек“ АД со генералниот директор Душан Пецовски и неговиот тим и согласно одбележувањето на осум децении успешна работа им додели Призание како симбол на континуитет, стабилност и јасна визија.

Во рамките на посетата беше констатирано дека улогата на Комората е од исклучителна важност бидејќи таа претставува платформа преку која компаниите можат да ги артикулираат своите ставови, потреби и предизвици, како и да придонесат за креирање подобро и поконкурентно деловно опкружување. Во таа насока, претседателот Азески констатираше дека најголема задача на Комората во наредниов период ќе биде креирање амбиент во кој јавно, транспарентно, на македонските компании ќе им се овозможи фер натпревар.

Во рамките на посетата беше реализирана и посета на погонот што беше пуштен во употреба лани летото, а е италијанска инвестиција од два милиона евра.

Повеќе од истиот автор

Најчитано