Европската комисија во средата го презентираше предлог за регулатива за воспоставување нова правна рамка за компаниите, што ќе им овозможи да започнат бизнис и да растат на единствениот пазар врз основа на единствен сет правила, со што ќе се избегнат 27 различни правни системи во земјите-членки.
Европската комисија претстави долгоочекуван сет правила, познат како „28-ми режим“ или „EU Inc.“, со цел да се направи основањето и работењето на компаниите во Европа побрзо, поедноставно и поевтино.
Според предлогот, основањето компанија во која било од 27-те земји-членки на ЕУ може да трае помалку од 48 часа, да биде целосно онлајн и да чини помалку од 100 евра.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека новата рамка „драстично ќе го олесни започнувањето и развојот на бизниси низ цела Европа“.
Целта на иницијативата е да ја направи ЕУ поконкурентна со глобалните економски сили како што се Соединетите Американски Држави и Кина, бидејќи европскиот пазар долго време се сметаше за комплициран за водење бизнис.
Еден од клучните проблеми е фрагментацијата односно компаниите се соочуваат со повеќе од 60 различни правни форми низ цела ЕУ, што значително го попречува проширувањето на бизнисот.
Според проценките на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), административните и регулаторните бариери во рамките на единствениот пазар се еквивалентни на тарифи до 110% за услугите, пренесува Инвеститор.ме.
Фото Економија и бизнис







