14-ти состанок на Специјалната група за реформа во јавната администрација помеѓу Европската Унија и Северна Македонија

Зграда на ЕУ во Македонија

14-тиот состанок на Специјалната група за реформа во јавната администрација (РЈА) помеѓу ЕУ и Северна Македонија се одржа во Брисел на 26 март 2026 година. Копретседавач на состанокот од страна на Европската Унија беше г-дин Ибер Дио (Hubert Duhot), заменик-раководител на одделението за Албанија и Северна Македонија при Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Европската Комисија, а од страна на Северна Македонија г-ѓа Маја Рисова Мутулар, шеф на кабинетот на министерот за јавна администрација. Министерот за јавна администрација Горан Минчев имаше воведно обраќање.

Во однос на стратешката рамка за РЈА, Комисијата ја одново ја истакна важноста на Патоказот за РЈА како сеопфатна рамка според која се водат реформите поврзани со ЕУ во оваа област и го поздрави нејзиното финализирање. Комисијата даде признание за напредокот во стапката на спроведување на Стратегијата за реформа во јавната администрација и потсети на потребата од навремено завршување и објавување на извештаите од следењето. Комисијата ја нагласи и потребата да се оствари напредок со сродните обврски согласно Реформската агенда.

Во однос на управувањето со јавните финансии, Комисијата го поздрави напредокот постигнат со усвојувањето на 17-те подзаконски акти предвидени во Законот за органски буџет и усвојувањето на Уредбата за управување со јавните инвестиции. Владата ја потврди својата посветеност кон почитување на роковите за стапување во сила на Законот за органски буџет и воспоставување на Интегриран информациски систем за финансиско управување. Комисијата ги повика властите да го зајакнат административниот капацитет и да ја подобрат апсорпцијата на средствата од ЕУ.

Во областа на јавната служба и управувањето со човечките ресурси, Комисијата го констатира усвојувањето на Законот за административни службеници и Законот за вработените во јавниот сектор и даде поттик за континуиран напредок во спроведувањето на новата законска рамка. Комисијата, исто така, ја истакна потребата од разрешување на преостанатите предизвици, меѓу кои и расцепканоста на државната служба, изработката на воедначен систем на плати, и мерките за задржување на квалификуваниот кадар. И двете страни се договорија да продолжат да работат на преостанатите прашања во законите за административни службеници, за вработените во јавниот сектор и за високата раководна служба.

Во однос на изработката на политики и координацијата, Комисијата го поздрави неодамнешниот напредок во подобрувањето на практиките за секторско планирање, обуките на државните службеници, зголемената употреба на проценка на влијанието на регулативата и јавните консултации, како и намалената употреба на донесувањето закони по скратена постапка. Покрај тоа, се разви дискусија и околу потребата од усвојување, следење и известување за Националната програма за усвојување на правото на ЕУ.

Во однос на отчетноста, Комисијата позитивно ги оцени реформите во системот за инспекциски надзор. Ја нагласи и важноста од унапредување на Законот за организација и работа на органите на државната управа во насока на разграничување на одговорностите и намалување на преклопувањата. Исто така, ја истакна потребата од понатамошно зајакнување на отчетноста и транспарентноста во јавните институции.

Во однос на испораката на услуги, Комисијата го потврди напредокот во дигиталната трансформација и развојот на е-услугите, нагласувајќи ја потребата да се поведе сметка за доследно спроведување на административните постапки, подобрување на интероперабилноста и зајакнување на дигиталните капацитети.

Двете страни ја потврдија својата посветеност кон продолжување на соработката во реформата на јавната администрација како клучен елемент од процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ.

Повеќе од истиот автор

Најчитано