Инженерската институција на Македонија го одбележа Денот на македонските инженери со свечен настан и по повод 106годишнината од основањето на првото македонско здружение на инженерите. На настанот беа присутни претставници на Владата, инженерските здруженија, академската заедница и бизнис секторот, а програмата опфати поздравни обраќања, панел дискусија на тема „Паметна ренесанса”, презентации за награди како и презентација на активностите на Клубот на млади инженери.
Др Андреј Лепавцов, претседател на Инженерската институција на Македонија, во своето обраќање ја нагласи улогата на инженерството како одговорност и мост меѓу имагинацијата и реалноста. Тој подвлече дека инженерите низ годините тихо, но решително го обликувале секојдневниот живот и инфраструктурата на земјата и дека тековните проекти за модернизација на патната и железничката мрежа, инвестициите во обновливи извори и дигитализацијата бараат знаење, координација и долгорочна посветеност. Лепавцов истакна дека „инженерството е повеќе од професија; тоа е начин на размислување – навика да се бара решение дури и кога изгледа дека го нема” и апелираше за пренос на знаењето од поискусните кон младите инженери.
Видео обраќањето на генералниот секретар на Engineers Europe, Dirk Bochar, беше прикажано пред присутните, во кое тој порача: „Европските инженери треба да работат заедно за одржлива и дигитална иднина. Вашиот придонес е непроценлив, затоа што љубопитноста ја преточувате во иновација.” Официјален гостин на настанот беше министерот за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска која во својата изјава нагласи: „Иднината ѝ припаѓа на оние што знаат како технологијата да ја стават во служба на јавниот интерес. На Македонија ѝ требате вие, младите инженери – вашиот ум, љубопитност и храброст се клучни за напредокот.” Таа додаде: „Посебна почит упатувам кон жените во инженерството, чиј придонес е суштински и неопходен. Сакаме повеќе жени во енергетиката и мора системски да ги охрабриме девојчињата и младите жени да избираат технички и научни професии.”
Панел дискусијата „Паметна ренесанса”, модерирана од проф. др Дарко Наков, се фокусираше на интегрирањето на вештачката интелигенција во традиционалното инженерство и на предизвиците за развој на инженерскиот талент. Учесниците – меѓу кои Марта Наумоска Грнарова, Виктор Мизо, Волфганг Мајер и др Катарина Тројачанец Динева – дискутираа за практичните импликации од примената на AI во проектирањето, енергетиката и здравството и за потребата од интердисциплинарно образование и соработка меѓу академијата и индустријата.
На настанот беа доделени и традиционалните признанија: беше избрана најактивната членка на Инженерската институција на Македонија за 2025 година – Асоцијацијата на архитекти; ИМИ и Друштвото за комуникациски менаџмент „Чептер 4 Македонија” веќе втора година ја доделуваат наградата „Млад инжинер на годината” – годинешниот лауреат е Тодор Санев, а Клубот на млади инженери ги презентираше своите постигнувања и предизвици, нагласувајќи потреба од повеќе практични проекти и менторски програми.
Настанот послужи како платформа за отворен дијалог за задржување на младите инженери во земјата, подобрување на условите за работа и создавање на проекти кои ќе обезбедат професионален развој и економска одржливост. Др Лепавцов повика на конкретни чекори и соработка меѓу јавниот и приватниот сектор, нагласувајќи дека „ако сакаме младите да останат, мора да им дадеме причина – проекти, услови и можности за развој, не само зборови.”
Инженерската институција на Македонија ја потврди својата посветеност на поддршка на професионалниот развој, промоција на иновациите и охрабрување на следните генерации инженери.





