Пилотите на германската авиокомпанија „Луфтханза“ започнаа дводневен штрајк што предизвика сериозни нарушувања во воздушниот сообраќај.
Штрајкот, кој ги опфаќа пилотите на главниот бренд, како и на „Луфтханза карго“ (Lufthansa Cargo) и „Луфтханза ситилајн“ (Lufthansa CityLine), започна веднаш по полноќ и ќе трае 48 часа. Во авиокомпанијата „Евровингс“ (Eurowings), сите полетувања од германските аеродроми ќе бидат погодени само во текот на денешниот ден.
Се очекува откажување на стотици летови денеска и утре, при што најпогодени се главните сообраќајни центри во Франкфурт и Минхен. Ова е четврти бран штрајкови во групацијата од почетокот на годинава. Минатата недела, еднодневен штрајк на кабинскиот персонал доведе до масовни откажувања на летовите.
Штрајкот е организиран од синдикатот „Ферајнигунг Кокпит“ и се однесува на платите, пензискиот систем и надоместоците во регионалната подружница „Ситилајн“.
Од „Луфтханза“ оценија дека најавата за штрајк претставува ново ниво на ескалација во спорот. Летовите кон одредени дестинации на Блискиот Исток се изземени од штрајкот.
извор МИА






