Што прави Франција во однос на кризата на Блискиот Исток?

француско знаме на јарбол

Ескалацијата на кризата на Блискиот Исток отвори низа прашања: геополитички, енергетски, економски… Во вакви околности важно е да се види каков пристап избираат поодделни земји, на пример Франција, како членка на ЕУ и НАТО и партнер на низа земји од Блискиот Исток.

Реакциите на француското Министерство за надворешни работи и европски прашања упатуваат на тоа дека во услови на конфликт „што се шири и влошува“ Франција е фокусирана на брза деескалација на состојбата. Притоа, намерата е да се спречи вовлекување на конфликтот на државите кои „не ја избрале“ оваа војна.

Франција покажува приврзаност кон меѓународното право и потврдува дека е цврсто определена да ја потврди својата улога на доверлив партнер што ги исполнува своите обврски кон партнерите. Притоа, Франција е посветена на колективната безбедност.

Во поглед на воените аспекти на кризата, Франција веќе располага со воени капацитети во регионот. Ловците Rafale кои се стационирани во Обединетите Арапски Емирати се мобилизирани за обезбедување на воздушниот простор околу француските инсталации. Покрај авионите Rafale, распоредени се и системи за воздушна одбрана и воздушни радарски капацитети – нешто што Франција ќе продолжи да го одржува онолку долго колку што е потребно. Дополнително, и носачот на авиони Charles de Gaulle, заедно со неговата ударна група, испловува кон Медитеранот за да ги засили капацитетите за реакција и заштита во регионот.

Исто така, Франција е обврзана со одбранбени договори со повеќе партнери во регионот, особено Катар, Кувајт и Обединетите Арапски Емирати, кои беа посебно таргетирани во актуелната криза и кон кои Франција има обврска за солидарност. Франција исто така има преземено обврски со Јордан, Ирак и своите курдски сојузници. Уште во првите часови од конфликтот Франција дејствуваше во легитимна самоодбрана со пресретнување на дронови кои го загрозуваа воздушниот простор на нејзините сојузници, демонстрирајќи дека тие конкретно можат да се потпрат на нејзината поддршка.

Во однос на економските аспекти на кризата на Блискиот Исток и нарушувањето на енергетски и трговски патишта, како што се Ормутскиот теснец, Црвеното Море и Суецкиот канал, Франција презема иницијатива за формирање коалиција насочена кон обезбедување на овие поморски патишта, кои се од суштинско значење за светската трговија и економската стабилност.

Повеќе од истиот автор

Најчитано