ЦЕНАТА НА ДИЗЕЛОТ НА ЛОНДОНСКИОТ ПАЗАР НАДМИНА 200 ДОЛАРИ ЗА БАРЕЛ!

Цените на дизелот денеска надминаа 200 долари за барел на лондонскиот пазар, достигнувајќи го највисокото ниво од 2022 година, поттикнати од стравувањата дека војната меѓу САД и Израел против Иран би можела да се одолговлекува.

Референтните цени за дизелот во фјучерсни договори беа 1.527 долари за тон во попладневните часови, што е речиси 12 проценти повисоко од вчерашното затворање. Ова е еквивалентно на нешто над 206 долари за барел.

Скокот на цените на дизелот е резултат на прекин на транзитот низ Ормускиот теснец, што ја запре испораката на милиони барели рафинирани производи на глобалниот пазар.

Шефот на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) Фатих Бирол во среда предупреди дека Европа би можела да доживее недостиг на дизел и гориво за авиони најдоцна до мај.

„Го гледаме (недостатокот) во Азија, но наскоро, мислам, во април или мај, и Европа ќе го почувствува тоа“, предупреди во среда Фатих Бирол, шеф на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА).

Европа планира да пласира на пазарот 73 милиони барели нафтени производи и околу 35 милиони барели сурова нафта од крајот на март, покажаа податоците на ИЕА, објавени на 15 март.

Според анализите, вкупно 10,3 проценти од глобалната трговија со дизел по море поминува низ Ормускиот теснец, како и 19,4 проценти од вкупната трговија со гориво за авиони и 16 проценти од трговијата со бензин и нафта по море.

Шефот на ИЕА предупреди дека околу 40 клучни енергетски објекти на Блискиот Исток се оштетени од почетокот на војната и дека ќе биде потребно време за да се вратат во функција.

„Се соочуваме со многу големо нарушување, најголемото во историјата“, заклучи Бирол, пренесува Сеебиз.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано