Филиповски: ФИНАНСИСКО ОБЕДИНУВАЊЕ НА ЕВРОПА

Авторот е Професор на Економскиот факултет Скопје

ФИНАНСИСКО ОБЕДИНУВАЊЕ НА ЕВРОПА − ОД БАНКАРСКА УНИЈА, ПРЕКУ УНИЈА НА ПАЗАРИТЕ НА КАПИТАЛ, ДО УНИЈА НА ЗАШТЕДИТЕ И ИНВЕСТИРАЊЕТО

„Бариерите внатре во Европа ни прават поголеми штети отколку тарифите кои доаѓаат однадвор. Затоа ние мораме да го комплетираме единствениот пазар во Европа ако сакаме Европа да остане конкурентна во еден свет на гиганти.“
Урсула фон дер Лајен, Европски самит за индустрија, 11.2.2026 г., Антверпен, Белгија

Европската Унија е процес на сопствена реинвенција. Тоа се однесува и на фундаменталниот проект на кој се базира ЕУ − изградба на единствен европски пазар (на добра, на услуги, на труд и на капитал). Оттаму главниот политичко-економски слоган на раководството на ЕУ денес е: „Една Европа, еден пазар“. Во тие рамки се појавува идејата проект за изградба на т.н. Унија на заштеди и инвестирање. Визијата за ваквата унија е изградба на институционално-регулациска мрежа за ефикасна мобилизација на масивниот пул на заштеди и нивна алокација за финансирање на стратегиските економски приоритети на ЕУ. Но, идејата за Унија на заштеди и инвестирање е всушност подигнување на ново ниво на идејата за финансиско обединување на Европа. Нејзини претходници се т.н. Банкарска унија и т.н. Унија на пазарите на капитал. Ова се практично три фази на настојување за изградба на интегриран финансиски систем во рамките на ЕУ.

БАНКАРСКА УНИЈА

Финансиското обединување во рамките на ЕУ добива на интензитет во периодот на постглобалната финансиска криза 2007 − 2009 година и кризата на суверениот долг во ЕУ 2010 − 1012 година. Во 2012 година, практично започнува иницијативата за формирање на т.н. Банкарска унија. Банкарската унија требаше да биде регулациско-институционален одговор на проблемот што двете кризи така брутално го претставија пред јавноста − интимната повратна врска меѓу (не)стабилноста на банкарскиот систем и (не)стабилноста на јавните финансии, т. е. меѓу системскиот ризик во банкарството и ризикот на суверениот долг. Одговорот на ваквиот проблем беше во следниве клучни насоки:

  1. Единствена „книга“ на правила: директиви и регулативи со хармонизирани правила за банкарската регулација и супервизија.
  2. Централизирана супервизија на големите, „системски значајни“ банки, лоцирана во Европската централна банка.
  3. Единствен механизам за решавање на проблематичните банки, поддржан со формирање на Единствен (паневропски) фонд за решавање на банките.
  4. Единствена шема за осигурување на депозитите на „малите штедачи“ (преку интегрирање на поединечните национални шеми).
    После повеќе од една декада, имплементацијата на Банкарската унија се опишува како изградена „куќа на два столба со привремен (или без) покрив“, односно значаен напредок кај централизираната супервизија и системот за решавање на банки, а отсуство на напредок кај единствената шема на осигурување на депозити.

УНИЈА НА ПАЗАРИТЕ НА КАПИТАЛ

Во 2015 г. започнува иницијативата за создавање на Унија на пазарите на капитал во рамките на ЕУ. Основната идеја беше да се обезбеди паневропска платформа за ефикасно движење на финансискиот капитал, што би овозможило збогатување на изворите и на механизмите за финансирање на фирмите, т. е. да се надмине високата доминација на класичното банкарско позајмување во структурата на финансирањето на бизнис-секторот. Но, фокусот беше кон интегрирањето на националните пазари на капитал (берзите), и тоа преку хармонизација на правилата и на процедурите на функционирање на пазарите на хартии од вредност во рамките на ЕУ.

Регулацискиот пристап на оваа иницијатива беше „класичен“ ЕУ-пристап: да се воведат минимални стандарди преку прифаќање соодветни ЕУ-директиви, но да се остави простор секоја земја членка да ја надогради националната регулатива со елементи кои таа смета дека одговараат на „специфичните“ услови во земјата. Но, всушност, таквите дополнителни регулативи функционираат како бариери за отежнување на вистинска интеграција на пазарите на капитал на ниво на ЕУ. Од аспект на супервизијата на пазарите на капитал, Унијата на пазарите на капитал предвидува дека таа ќе биде во основа спроведувана од националните регулаторни тела на пазарот на капитал (комисии за хартии од вредност или агенции за интегрирана финансиска супервизија).

УНИЈА НА ЗАШТЕДИТЕ И ИНВЕСТИРАЊЕТО

Во последните јавни настапи, претседателот на ЕК, Урсула фон дер Лајен, зборува за ново, повисоко и посеопфатно интегрирање на финансиските системи во рамките на ЕУ преку идејата за т.н. Унија на заштеди и инвестирање. Идејата за ваква унија првобитно се појавува во 2025 година, но деновиве таа доживува силна актуелизација во еден поширок контекст на обезбедувањето економски, политички и безбедносно самостојна и обединета заедница на европски држави, со силна конкурентна позиција во мултиполарниот свет во настанување.

Пристапот на идејата за Унија на заштеди и инвестирање е холистички и стратегиски. Холистички е бидејќи периментарот на реформата го опфаќа целокупниот финансиски систем како комплексна мрежа на финансиски институции, пазари и инструменти, чија крајна цел е економски рационално насочување на пулот на заштеди кон продуктивни инвестиции. Стратегиски е затоа што Унијата на заштеди и инвестирање е дел на една поширока политичко-економска стратегија на ЕУ преку мобилизирање европски финансиски капитал за инвестициите на трите стратегиски сектори за меѓународна конкурентност: „зелената“ економија, секторот на безбедностa и секторот на вештачката интелигенција.

Унијата на заштедите и инвестирањето вклучува неколку значајни новини насочени кон изградба на ефикасен паневропски систем на мобилизација и на алокација на финансискиот капитал. Меѓу клучните новини се следниве:

• Воведување стандардизирани персонални штедно-инвестициски сметки. Тие претставуваат лесен и ефикасен начин на инвестирање на готовинските заштеди на индивидуалните штедачи во диверзифициран корпус на инструменти на пазарот на хартии од вредност. Наместо класични банкарски сметки под национална јурисдикција, овие инвестициски сметки ќе бидат под паневропска јурисдикција, што овозможува подобрена транспарентност, пониски провизии и поедноставен прекуграничен пристап.

• Воведување паневропски персонални пензиски сметки − паневропски штедно-инвестициски инструмент кој се базира на пензиското штедење. Тој овозможува комплетна преносливост: лицето може да се пресели во друга земја членка, а неговата пензиска сметка „оди со него“ без промени во состојбата и без соочување со дополнителни даночни или административни проблеми. Ова е посебно атрактивно за географски мобилните работници.

• Реактуелизација на механизмот на секјуритизација, т. е. препакување на портфолија на банкарски заеми во хартии од вредност, што отвора дополнителен простор за банките да издаваат нови заеми.

• Воведување на т.н. „28-ми (правен) режим“. Тоа е еден вид „супранационална“, односно ЕУ-јурисдикција која обезбедува единствен корпус на правила според кои една нова фирма или стартап може да се регистрира (инкорпорира) и да работи. Таквите правила се според правото на ЕУ и претставуваат алтернатива на националните режими на компаниското право на поединечните земји членки.

• Обид за одредена хармонизација на стечајното право (законодавството за несолвентност) преку вградување минимални заеднички стандарди за ефикасно враќање на средствата на инвеститорите кога компанијата пропаѓа. Исто така воведување на поедноставени процедури за затворање на бизнисот во случаи на банкрот на МСП со цел да им се даде уште една шанса на „банкротирани, но чесни“ претприемачи.

• Надминување на фрагментацијата на европскиот пазар на хартии од вредност во операциона и во регулациска смисла. Операционо, насоката е во консолидирање во една „лента“ на известувањата во реално време за движењата на цените на сите европски берзи, како и унифицирање на институционалната инфраструктура за активностите на постсклучување на трансакциите (клиринг и порамнување, централно-депозитарски активности). Исто така силно е нагласена идејата за паневропска интеграција на супервизијата на пазарите на хартии од вредност во рамките на Европската агенција за супервизија на хартиите од вредност и пазарите (ЕСМА [ESMA]).

ЕПИЛОГ

Обединувањето на финансиските системи во ЕУ е процес кој би требало да овозможи масивните заштеди на европските домаќинства (околу 37 трилиони евра) да ги финансираат инвестициите во европските геоекономско-стратегиски проекти (470 милијарди евра нови инвестиции во „зелената економија, во одбраната и во вештачката интелигенција“. Унијата на заштедите и инвестициите е насочена кон надминување на фрагментацијата на пазарните и на регулациските структури во рамките на ЕУ, кои создаваат пречки во ефикасната мобилизација и циркулација на финансискиот капитал. Реализирањето на ваквите цели веројатно би значело економски „пообединета“ Европа. Сепак, може да се претпостави дека крајните резултати на ваквите трансформативни проекти во значајна мера ќе зависат од еволуцијата на политичките идеи и процеси во рамките на ЕУ.


Економија и бизнис, 15 март 2026г.

Авторот е Професор на Економскиот факултет Скопје

Најчитано